Во моментов над Македонија е присутна исклучително изразена температурна разлика.
Нашата земја се наоѓа под влијание на циклон кој од Атлантикот се преместува преку западна и централна Европа, а во следните 24 часа ќе има влијание и врз Балканот. Силното јужно воздушно струење носи многу топла воздушна маса од југот и од Медитеранот.
Во овој момент, над Македонија владеат големи температурни контрасти. Додека во западните и југозападните делови температурите достигнуваат и до 16–17 степени, во источните и североисточните предели температурите се движат околу 0 степени.
Најтопло во моментов е во Пелагонија и југозападниот дел на земјата, особено во Битола и Охрид, каде што се измерени пролетни температури. Најстудено е во источните предели, особено во Берово, Делчево.
Дожд и силен ветер
Во текот на утринските и претпладневните часови, над делови од Македонија помина облачен систем со дожд, а во повисоките и источните предели локално имаше врнежи.
Од запад веќе започна постепено разведрување, кое ќе се прошири кон исток, па до крајот на денот во поголем дел од земјата се очекува претежно ведро време.
Нов бран врнежи во текот на вечерта
Истовремено, од Јадранското Море се приближува нов, силен облачен систем кој во текот на вечерните часови ќе ја зафати Македонија и ќе донесе нови врнежи од дожд.
Прво ќе бидат зафатени јужните, југозападните и западните делови, а во текот на ноќта и утре наутро врнежите ќе се прошират и кон централните и источните предели.
На планините над 1.600 метри надморска височина се очекува снег.
Најобилни врнежи се прогнозираат во југозападна и западна Македонија, каде локално може да наврнат и над 40–50 литри дожд на квадратен метар, а на повисоките планини и над 20 сантиметри снег.
Какво време нè очекува кон крајот на јануари?
Крајот на јануари и почетокот на февруари ќе бидат под влијание на циклони од Атлантикот и Медитеранот, со чести минливи облачности и повремени врнежи од дожд. Снег ќе има главно на највисоките планини.
Температурите ќе останат надпросечно високи за овој период, често над 10 степени, а локално и со вистинско пролетно чувство.
