Како што соопшти Конзорциумот за логистика на Босна и Херцеговина, во 12:00 часот превозниците од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија ќе започнат блокада на товарните гранични терминали.

За денес е најавен голем регионален протест на транспортниот сектор на товарните гранични премини на Европската унија, поради проблемите со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Како што информира Конзорциумот за логистика на Босна и Херцеговина, во 12:00 часот превозниците од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија ќе започнат блокада на товарните гранични терминали, при што се очекува околу 17 милиони жители на регионот да бидат погодени од нарушувања во синџирите на снабдување.

Конзорциумот бара итна институционална реакција од Босна и Херцеговина кон Европската комисија, како и кон амбасадите на земјите-членки на ЕУ акредитирани во БиХ, поради, како што наведуваат, ограничувањето на времетраењето на престојот на професионалните возачи во земјите од Шенген.

Тие нагласуваат дека не прифаќаат формулации како „следење на состојбата“ и „комплексност на прашањето“, туку бараат јасен и недвосмислен одговор.

„Го поставуваме прашањето – дали домашните превозници од БиХ имаат право на работа или немаат? Ако немаат, нека се каже тоа јавно. Ако имаат, тогаш депортациите, забраните и административната самоволност мора веднаш да престанат“, порачуваат од Конзорциумот.

Во соопштението се потсетува дека патниот транспорт учествува со повеќе од 94 отсто во функционирањето на синџирите на снабдување во БиХ, со предупредување дека без домашните превозници нема извоз, увоз, индустрија ниту стабилност на пазарот.