Зимска бура што зафати голем дел од Соединетите Американски Држави досега однесе најмалку седум човечки животи. Без електрична енергија останаа повеќе од 860.000 домаќинства, а откажани се околу 12.000 авионски летови.
Сојузната држава Тенеси пријави три смртни случаи поврзани со временските услови, две лица загинале во Луизијана, едно во Тексас и едно во Канзас, според податоците на локалните власти што ги пренесува NBC News.
Под предупредување за опасен студ и понатаму се наоѓаат околу 185 милиони луѓе во поголем дел од централните и источните делови на САД, а температурите во некои региони паднаа и до 35 степени под нулата.
Периоди на обилен снег, лапавица и ледена дожд продолжуваат низ целиот североисток и денес, а според временската прогноза, налетите на снежната бура се очекува да завршат утре.
За одредени подрачја на југот на САД вечерва е прогласена опасност од силни временски непогоди, при што на сила е предупредување за торнадо за делови од Алабама, Џорџија и Флорида.
Во регионите погодени од зимската бура, повеќе од 860.000 корисници останаа без електрична енергија.
Ледена дожд паѓаше во делови од Џорџија, преку Северна и Јужна Каролина, како и во средноатлантскиот регион, додека обилен снег ги зафати долината на реката Охајо и североистокот на земјата.
Поради бурата, откажани се повеќе од 12.000 летови кои беа планирани за денес.
