Договорот не ја опфаќа имотната сопственост во Казахстан, која ќе остане во сопственост на руската нафтена компанија.
Руската нафтена компанија „Лукоил“ денес соопшти дека се согласила да го продаде поголемиот дел од својата странска имотна сопственост, со вкупна вредност од околу 22 милијарди долари, на американската приватна инвестициска компанија „Карлајл груп“, со одобрение од владата на САД.
„Лукоил“ информира дека со „Карлајл“ постигнал договор за продажба на својата единица Lukoil International GmbH, која управува со странската имотна сопственост на компанијата, пренесува ТАСС.
– Потпишаниот договор не е ексклузивен за компанијата и подлежи на одредени претходни услови, како што е добивање на неопходни регулаторни одобренија, вклучително и дозвола од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД за трансакцијата со „Карлајл“ – соопшти „Лукоил“.
Договорот не ја опфаќа имотната сопственост во Казахстан, која ќе остане во сопственост на руската нафтена компанија.
Во ноември, медиумските извештаи укажуваа на интерес од други компании за странската имотна сопственост на „Лукоил“, пренесуваат руските медиуми.
Меѓу нив, покрај „Карлајл“, биле и „Шеврон“, „ЕксонМобил“ и Националната нафтена компанија на Абу Даби.
Аналитичарите ја проценуваат вкупната странска имотна сопственост на „Лукоил“ на околу 22 милијарди долари, пренесе Ројтерс.
По воведувањето на санкции од страна на САД и Велика Британија на 15 октомври, „Лукоил“ ја објави својата намера да ја продаде странската имотна сопственост.
„Лукоил“ е вклучен во проекти во Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Ирак, Египет, Камерун, Нигерија, Гана, Мексико, Обединетите Арапски Емирати и Република Конго. Компанијата поседува рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, како и мрежа од околу 2.500 бензински станици во 19 земји.
