Според Уредбата на ЕУ за општа безбедност на возилата, од 7 јули оваа година се воведува задолжителна вградба на сигнал за принудно запирање.
Од средината на оваа година сите нови автомобили на територијата на Европската унија ќе мора да имаат вградено ново задолжително стоп-светло кое јасно укажува на опасност во одредени ситуации, со цел останатите учесници во сообраќајот навреме да бидат предупредени и да се избегнат удари во возило што нагло сопира.
Според Уредбата на ЕУ за општа безбедност на возилата, од 7 јули се воведува обврска за вградување сигнал за принудно запирање, кој опфаќа трепкачко стоп-светло при силно сопирање, како и автоматско вклучување на покажувачите на правец по ненадејно запирање.
Тој сигнал автоматски се активира при брзина поголема од 50 километри на час. Без овој сигнал, од наведениот датум нема да биде можно да се добие хомологација на возилото.
Од Хрватскиот авто-клуб (ХАК) појаснуваат дека сега при секое сопирање се вклучуваат задните стоп-светла, но новите прописи го менуваат тоа — при силно забавување, најчесто при брзини над 50 км/ч, ќе се активира таканаречено адаптивно стоп-светло за итни случаи.
Стоп-светлата ќе трепкаат неколку пати во секунда и ќе сигнализираат силно сопирање. Ако возилото целосно запре по нагло забавување, автоматски ќе се вклучат и сите четири трепкачи за опасност, додека стоп-светлото ќе остане вклучено.
Како што наведуваат од ХАК, особено на автопати и брзи сообраќајници, ова јасно визуелно предупредување треба да помогне во спречување на опасни судири одзади. Новата уредба се однесува исклучиво на нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила, а постојните автомобили не треба дополнително да се преработуваат или да се вградува системот накнадно.
Овој систем е дел од поширок пакет мерки на Европската унија за побезбедни патишта, содржан во Уредбата (ЕУ) 2019/2144, која пропишува задолжителна вградба на повеќе системи за активна и пасивна безбедност во новите возила, како што се напреден систем за итно сопирање, асистенција за задржување во сообраќајна лента, паметен ограничувач на брзина, детекција на замор кај возачот и безбедносни камери за возење наназад.
