Владата на Словенија разгледува воведување законски ограничувања за користење социјални мрежи за деца и адолесценти помлади од 15 години, соопшти портпаролот на словенечката влада, Матеј Арчон.
Арчон, по теренската седница на владата во Дравоград за време на посетата на Корушка, изјави дека се потврдени почетните точки за подготовка на законска рамка, по примерот на други европски земји, и дека за темата понатаму ќе расправаат експерти, пренесе РТВ Словенија.
Според него, негативните ефекти од социјалните мрежи врз децата и адолесцентите во последните месеци станале тема на глобална дебата.
– Со регулирање на социјалните мрежи како ТикТок, Снепчет и Инстаграм покажуваме дека ни е грижа за нашите деца – рече Арчон, нагласувајќи дека целта е заштита на децата и адолесцентите.
Дебатата за старосни ограничувања за социјалните мрежи се засили во Европа откако Австралија во декември забрани пристап до социјалните мрежи за лица помлади од 16 години.
Франција, Данска и Грција преземаат конкретни чекори, додека Шпанија и Португалија оваа недела најавија воведување старосни ограничувања.
На ниво на Европската унија сè почести се повиците за единствена политика по ова прашање.
Европскиот парламент во необврзувачка резолуција минатиот ноември повика на старосна граница од 16 години за самостојно користење на социјалните мрежи, со родителска согласност за возраст од 13 до 16 години.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот септември повика да се разгледа таква мерка на ниво на ЕУ.
