Веќе неколку месеци на граничните премини кон Европска Унија важат засилени контроли и задолжително распоредување по ленти.
Воведувањето на дигиталниот систем EES на границите на ЕУ донесе нови правила, но и голема забуна кај патниците. Додека некои ризикуваат за да поминат побрзо, искуствата од терен покажуваат дека строгоста на цариниците варира — од предупредување, до парични казни.
И понатаму најчестото прашање кај патниците е:
Дали смееме во лента за ЕУ пасоши ако патуваме со лице што има европски документи?
Како се означени лентите
На граничните премини јасно се поставени табли:
-
„EU Passports Only“ – резервирана за државјани на ЕУ, ЕЕА и Швајцарија, како и за лица со постојана дозвола за престој.
-
„All Passports“ – наменета за сите, без разлика на државјанство.
-
„Non-EU“ – задолжителна за државјани на земји надвор од Унијата кои немаат виза или престојна дозвола.
Во пракса – различни искуства
Во пракса, правилата не секогаш се толкуваат исто. На социјалните мрежи има бројни спротивставени сведоштва.
Некои патници велат дека поминале низ ЕУ лента затоа што детето имало европски пасош и немале проблем. Други, пак, биле вратени и дури казнети.
Искуства покажуваат дека често е доволно само едно лице во возилото да нема ЕУ документи за целиот автомобил да биде пренасочен во друга лента.
Во одредени случаи бил дозволен премин во побрза лента за мешани брачни парови, но само со приложен извод од венчаница и со одобрување од службеникот — што не е правило, туку исклучок.
Што е најсигурно решение
Со новиот систем на евиденција, кој вклучува фотографирање и земање отпечатоци за државјани на трети земји, контролите стануваат сè построги.
Ако не сакате ризик од казна или враќање на крај од колоната и дополнително губење време, лентата „All Passports“ останува најбезбедна опција.
