Arrow 3 е систем за противракетна одбрана развиен во соработка меѓу САД и Израел.

Иранските вооружени сили, според сопствените наводи, испалиле бран ракети кон Израел. Таа земја е добро подготвена за вакви напади – меѓу другото благодарение на противракетниот систем Arrow 3. Но како всушност функционира овој систем и што сè може?

Arrow 3 е систем за противракетна одбрана развиен во соработка меѓу САД и Израел. Неговата цел е уништување непријателски ракети на голема далечина, поради што Израел има силна заштита од евентуални напади, на пример од Иран. Ракетите што ги пресретнува системот имаат дострел до 2.400 километри.

Она што го прави овој систем посебен е висината на која може да дејствува. Пресретнувачките ракети достигнуваат висина и до 100 километри и можат да соборуваат балистички ракети со долг дострел дури и од вселената.

Како функционира Arrow 3?

Arrow 3 има мобилна радарска единица која ги открива и следи непријателските ракети. Системот поседува и команден центар кој континуирано ја пресметува нивната траекторија и по потреба ја коригира.

Мобилните лансери потоа испалуваат пресретнувачки ракети кои, со помош на радарот, ја следат целта и ја уништуваат со силен директен судир.

Како што пренесува германскиот „Шпигел“, пресретнувачките ракети имаат подвижни мотори што им овозможуваат маневрирање во секој момент. Тоа значи дека Arrow 3 може да реагира и пред крајната цел целосно да биде дефинирана. Дури и ако пресретнувачката ракета минимално ја промаши целта, непријателската ракета може да биде уништена благодарение на близински запалувач и фрагментациона боева глава.

Дали штити од нуклеарни ракети?

Arrow 3 може да пресретнува и нуклеарни ракети. Експертот за ракети Тал Инбар изјавил во интервју за „Билд“ дека при тоа не постои опасност за населението, бидејќи штетните материи се распрснуваат во атмосферата – далеку од населените подрачја.

Колку чини системот?

Германија во 2023 година објави дека го купува системот Arrow 3. Според израелското Министерство за одбрана, Берлин за системот платил околу 3,5 милијарди долари. Дополнително се плаќаат и пресретнувачките ракети – според пишувањето на „Шпигел“, 50 парчиња чинат околу 400 милиони долари. Дел од средствата ќе бидат обезбедени од посебен фонд за модернизација на германската војска.

Кога и каде ќе биде распоредeн?

Според германската новинска агенција, системот треба да биде оперативен до крајот на годината. Планирани се три локации.

Две бази се предвидени во Шлезвиг-Холштајн и Баварија, со цел да се обезбеди дополнителна сигурност во случај на евентуален дефект на системот.

Поради големиот дострел на пресретнувачките ракети, заштитата би ја покривала целата територија на Германија, која од север до југ се протега на околу 870 километри.

Зошто ѝ е потребен Arrow 3 на Германија?

Предлогот за купување на системот потекнал од германското воено воздухопловство. Генералот Инго Герхарц објаснил дека набавката била неопходна бидејќи Германија моментално нема соодветна заштита од балистички ракети со долг дострел.

„Балистичките ракети што доаѓаат од вселената досега не можевме да ги пресретнеме“, изјавил тој.

Ралф Тиле, претседател на организацијата „Еуродефенс Германија“, предупреди уште минатата година дека постои „отворен воздушен простор“ кој не е заштитен од современи закани.

Дали Arrow 3 може да ја штити и остатокот од Европа?

Благодарение на големиот дострел, Arrow 3 би можел да обезбеди заштита и надвор од германските граници.

„Доколку и други држави се приклучат, наскоро би можеле да имаме ефикасен противракетен штит над Европа, кој би штител од закани од далечни земји како Иран, Кина и Северна Кореја, како и од вселената“, порача Тиле.