Полицијата секојдневно регистрира голем број прекршоци за неносење лична заштита на лица, а во текот на изминатото деноноќие на територијата на државава, регистрирани се 680 прекршоци.

Владата, како што најави вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, размислува дали да го зголеми износот на казните за неносење маски за заштита од ковид-19, а обемот на работа на полицијата во таа насока е зголемен и ќе има сѐ повеќе контроли и во угостителските објекти и на собирите на граѓаните. Во меѓувреме, во Прилеп ситуацијата со ковид-19 е сериозна, неопходна е монтажна болница. Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, се воведуваат мерки во работните средини, контроли во институциите, засилени активности на полицијата за носење заштитни маски и ригорозни мерки во Градскиот пазар.

„Заедно со полицијата, пазараната инспекција, мора да се засилат контролите. Никој нема право со својата неажурност, да ги изложува на ризик критичните групи граѓани. Истовремено, комисијата од локалната самоуправа ќе врши засилена контрола врз институциите за начинот на спроведување на мерките за заштита од ковид-19”, изјави Јованоски.

„Доколку се исполни капацитетот, во другите одделенија се отворија оддели за изолација за таму да останат позитивните пациенти, а се лекуваат за друго. Кога ќе почне да се градат монтажните болници, Прилеп е еден од првите градови, зашто треба да се земат предвид и општините Македонски Брод и Крушево. А имаме многу пациенти од Македонски Брод. Инаку, во моментов е хоспитализиран еден здравствен работник, а еден е на домашно лекување од службата за Итна помош”, вели Крстеска.

Драгица Николоска, директор на Центарот за јавно здравје нагласува дека има еден кластер во работните средини, но како резултат на семејни прослави.

„Во Владата разговараме во однос на зголемувањето на казните и ќе се цени дали има потреба од тоа или не. Важно е дека обемот на работа на полициските службеници е зголемен и правиме сѐ што треба да биде направено во овој момент за сите оние кои не ги почитуваат мерките, односно кои прво не се почитуваат самите себеси и не ги почитуваат своите семејства со тоа што не се зашититуваат и се изложуваат на ризик да бидат зафатени со инфекцијата. Ќе мора да носат некаква одговорност. И тоа ќе се случува понатаму и во угостителски објекти и на собирања, итн, се повеќе и повеќе, со цел да се влијае на оние кои не ги почитуваат мерките и со тоа директно ги загрозуваат живот и здравјето на граѓаните”, изјави вчера Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата а Полицискиот центар Ѓорче Петров.

Казните, како што додава, се наплаќаат и сега, но тоа ќе биде многу полесно откако ќе се направи усогласување на потребните закони со Законот за прекршоци, што се доставени во Собранието уште пред распуштањето поради изборите. МВР останува на тие законски решенија и Спасовски очекува наскоро да бидат ставени на дневен ред и Собранието да ги изгласа.