Летувањето на бабата и внуката им донесе незаборавни спомени, меѓу кои и камчиња и песок од плажата, кои засекогаш ќе ги чуваат.

Што побарала внуката од бабата да понесат од плажата по завршувањето на летувањето?

Не е реткост бабите и дедовците да ги носат своите внуци на море. Оние што го доживеале тоа велат дека е голема одговорност, но и огромно задоволство.

„Со сопругот планиравме летување на Егејското Море и потајно се надевавме дека со нас ќе тргне и нашата седумгодишна внука. Не инсистиравме, туку трпеливо чекавме за одлуката на синот и снаата“, ја започнува својата приказна баба Тања по враќањето од летувањето.

Таа раскажува дека биле пресреќни кога внуката пристигнала подготвена заедно со баба ѝ и дедо ѝ да замине на море.

„Беше пресреќна. Минатата година научи да плива и едвај чекаше, како што велеше, ‘да се плесне во морето’, да нурка, а дедо ѝ да ја научи да плива и ‘делфински стил’. Се спакувавме, а нашата мала паметница помагаше во сè. Патувавме со автобус преку туристичка агенција. Новата авантура за нас тројца започна веднаш штом пристигнавме и се сместивме во апартманот.

Плажата беше само 70 метри оддалечена од местото каде што престојувавме. Беше песочна и каменеста, морето чисто, а детето пресреќно – речиси не излегуваше од водата“, раскажува бабата.

Таа открива дека малку се грижела дали внуката ќе ја прифати храната во грчките ресторани.

„Беше воодушевена од гирото, пицата со печурки и зеленчук, а секој ден задолжително јадеше по два сладоледа, печена пченка и пуканки. Наидовме на слаткарница со овошни сладоледи од манго, лимон, јагода и малина. Навечер се возевме со туристичкиот воз, кој за децата беше вистинска атракција, а по пат купувавме сè што ќе ѝ го привлечеше вниманието.“

Седумгодишното девојче со бабата и дедото пливало, нуркало и едноставно уживало во секој момент. Особено се радувало на брановите кои се појавувале во попладневните часови.

Понекогаш си играла во песокот, а со баба ѝ собирале необични камчиња и школки. Големите мазни камења по враќањето од плажа ги боела, ги цртала и ги украсувала со различни детали.

Се приближувало времето за враќање дома. Тогаш внуката ја замолила бабата да ги понесат камчињата што заедно ги собирале на плажата. Но, имала уште едно барање кое ја изненадило бабата.

„Ги спакувавме најинтересните камчиња, а потоа мојата внука посака да понесеме и песок, кој го наполни во чашки од сладолед. Ме погледна со нејзините големи очи и чекаше што ќе кажам.

Што можев друго освен да се согласам? Ги спакував и чашките со песок во кеса, добро ги затворив за да не се истури и ѝ ја исполнив желбата на мојата принцеза.

Беше толку среќна и горда. По враќањето дома продолжи да создава свои мали уметнички дела, да ги украсува камчињата, а песокот го искористи за да го уреди својот посебен агол за игра“, објаснува баба Тања.

Таа открива дека една сопатничка, додека на враќање правеле пауза, ја прашала внуката:

„Дали ја слушаш мама?“

„Одговорив дека јас сум нејзина баба, а не мајка. Жената ме погледна и рече: ‘Навистина сте храбри што ја носите внуката сами на море. Секоја чест.’

Тогаш се замислив и сфатив колку вистина има во тие зборови“, вели баба Тања.

Таа додава дека целото летување поминало прекрасно и дека за неа и нејзиниот сопруг тоа било ново, поинакво, но прекрасно искуство кое ќе го паметат цел живот.