Неодамнешниот гест на Скопје кон Белград покажа дека Северна Македонија е српски тројански коњ, рече бугарскиот новинар, екс амбасадор, претеник и експерт за меѓународно право Велизар Енчев, коментирајќи го денешното обраќање на македонскиот премиер Зоран Заев кон македонските Срби.




Енчев смета дека по ваквите постапки Бугарија е уште поубедена во потребата од одложување на согласноста за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската унија. Покрај тоа, последниот чекор исто така им покажува на ЕУ и САД дека Скопје е всушност српска марионета на Балканот.
Зошто Заев е толку зависен од Србија што мора да прибегнува кон вакви компромитирачки активности, прашува Енчев.
Заменик-претседателот на ВМРО БНД, Ангел Џамбаски, го потенцираше фактот дека Заев на македонските Срби им го честита Денот на Свети Сава. Според него, од гледна точка на историјата, апсурдно е да им честиташ на оние што ја окупираа територијата на Македонија на почетокот на 20 век, каде во тоа време претежно живееле етнички Бугари.




Не познавам друг премиер кој би им честитал на окупаторите и колонизаторите на неговата земја. Дури и површен преглед на историски извори и времиња, пред и по 1903 година, во географската област Вардарска Македонија, а денешна Република Северна Македонија, јасно ја покажува улогата и односот на Србите кон локалното, претежно бугарско население кое живеело таму, напиша Џамбаски на својот фејсбук профил.
Оние Македонци кои ги попречуваат добрите односи меѓу народите на Бугарија и Северна Македонија се потомци на тие српски колонизатори и тие се вклучени во македонската политика, универзитети и медиумите, вели тој.




Тоа е многу бедно, срамно и индикативно. Власта и опозицијата во Скопје се преправаат, инвестираат, лижат и се обидуваат да ги задоволат сите, но грбот сепак е свртен кон север, кон Белград и Кремљ, заклучи тој.
Премиерот на Македонија им го честиташе Денот на Свети Сава на македонските Срби и најави продолжување на изучувањето на српскиот јазик во македонските училишта. Во Скопје ќе биде отворен и српски културен центар, рече Заев.
