Доктор Нико Беќаровски синоќа упати многу интересна порака до граѓаните.
Таа е во контекст на најавите на дел од црковните великодостојници кои рекоа дека и оваа година нема да се откажат од причестувањето со исто лажиче за сите верници, што може да биде опасно во време на пандемија со коронавирусот.




„Црно-бело
Дали ќе им верувате на црните мантии во чии книги пишува дека земјата е плоча, или на белите мантили, одлуката е само Ваша.




Останете овие празнични денови НАДВОР на чист воздух, за да не дишете покасно течен кислород внатре“, напиша вчера вечерта на својот фејсбук профил д-р. Беќаровски.
Претходно реагираше и министерот за здравство Венко Филипче.
„Неразбирливи се ставовите на Владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници“, го објави својот став министерот.




Филипче му одговори на Владиката Петар кој неодамна искоментира дека „ако заразата се ширеше преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе беа мртви“.




„Почитуван Владико, како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните. Вие први не треба да дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени верски обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки прилагодувајќи ги обичаите, вие го правите спротивното.




Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за вас ништо не значат. Сакам да ве потсетам дека во соработка со верските заедници, предложивме протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот.




Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред се кон безбедноста на граѓаните. Како што многу пати повторувам во последната година, битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира“, напиша Филипче.




Тој апелираше граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките.
