Инспекцијата за животна средина на Град Скопје, по пријава на граѓани, изврши вонреден инспекциски надзор на деловен простор на правниот субјект „ГУДИСИМО ДООЕЛ“ во Гази Баба, каде утврди согорување отпад со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните, информираа од Град Скопје.
Во рамки на вонредната контрола на терен инспекциските служби на Град Скопје констатираа дека правното лице спротивно на правилата за управување со отпад, во горилник покрај струготини согорува пластичен и друг неоргански отпад, за што му се изречени две казнени мерки.
Од Град Скопје велат дека инспекторите продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина.
– Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Град Скопје годинава поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани, велат од Град Скопје.
За време на изминатата недела инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 30 сторители.
