Православна црква и сите верници денес го празнуваат Светиот маченик Мамант.
Родум е од Пафлагонија, од познати христијански родители – Теодот и Руфина. Родителите му биле фрлени во тамница за името Христово. Во затворот најнапред починал таткото; а мајката, откако го родила него.
Така новороденчето останало во тамницата меѓу мртвите тела на своите родители.
Но Бог Промислител испратил ангел Свој кај една благородна вдовица, Амија, на која ѝ се јавил ангел во сон и ѝ рекол да оди во тамницата и да го земе детето кај себе. Таа од кнезот добила дозвола да ги погребе умрените, а детето го зела во својот дом.
Во училиштето Мамант покажал невообичаена бистрост; а бидејќи дома бил воспитан во христијански дух, тој не ја криел својата вера, туку отворено ја исповедал пред своите врсници, исмевајќи ги идолите.
Во тоа време, за време на царот Аврелијан, христијаните биле жестоко гонети.
Незнабошците не ги штеделе ни христијанските деца. Мамант имал 15 години кога бил изведен пред царот. Царот му рекол барем со уста да се откаже од Христа, на што Мамант одговорил: „Ниту со срце, ниту со уста нема да се откажам од мојот Бог и Цар Исус Христос.“
Царот наредил да го тепаат, да го палат со свеќи, а на крај да го фрлат во морето. Но ангел Божји го спасил и го одвел на висока гора близу Кесарија.
Таму живеел во осаменост и молитва. Од неговата светост и дивите ѕверови се припитомувале. Но на крај таму бил пронајден од гонителите и повторно ставен на маки.
Победувајќи ја и силата на огнот и дивите ѕверови, свети Мамант бил прободен со трозаб од еден жрец идолски. Така ја предал својата света душа на Бога, на Кого му останал верен во сите маки.
Од неговите мошти се случиле многу исцелувања на болните.
