По смртта на сопругата, се вратил во Ерменија и стапил во служба кај царот Тиридат

Православна црква и верниците денес го одбележуваат денот посветен на Светиот свештеномаченик Григориј Просветител.

Светиот свештеномаченик Григориј бил роден во угледно семејство кое било во роднинска врска со персиското царско семејство на царот Артабан и ерменското царско семејство на царот Курсар. Кога овие две семејства влегле во меѓусебна војна, Григориј се преселил во Кесарија Кападокиска, каде што го примил христијанството, се крстил и се оженил.

По смртта на сопругата, се вратил во Ерменија и стапил во служба кај царот Тиридат. Добро соработувале сè додека царот не дознал дека Григориј е христијанин. И покрај бројните обиди да го натера да се откаже од верата, не успеал, па на крајот го подложил на тешки мачења.

Григориј завршил во длабока јама исполнета со различни отровни материи. Сепак, во неа успеал да преживее цели 14 години.

Царот Тиридат не се откажувал од прогонувањето на христијаните. Во една прилика, со својата војска влегол во женски манастир, каде што затекнал 37 монахињи, предводени од игуманијата Гајанија. Сите ги погубил, но набргу потоа и самиот цар го изгубил разумот.

Според преданието, на сестрата на царот во сон ѝ се јавил човек кој ѝ открил дека нејзиниот брат ќе оздрави кога Григориј ќе биде изваден од јамата. Тоа веднаш било сторено, а Григориј го излекувал царот Тиридат и го крстил.

Потоа царот го назначил за епископ на Ерменија. Григориј продолжил да ја шири христијанската вера и починал во длабока старост.

За време на својот живот, Свети Григориј ракоположил многу свештеници, основал училишта и поставувал учители во нив. Освен Ерменците, крстил и многу Персијци, Асирци и Мидијци. Подигнал бројни цркви и манастири, поради што го нарекуваат Григориј Просветител.

Овој светец се смета за заштитник на учителите, писателите, мисионерите и на сите што го посветуваат својот живот на пренесување на знаењето.

Молитва кон Свети Григориј

Според верувањата, молитвата кон Свети Григориј на овој ден треба да биде кратка. Верниците ја изговараат со надеж дека злото и несреќата ќе бидат отстранети од нивниот дом.

Молитвата гласи:

„Беше наследник на апостолите по престолот и соучесник по духот. Преку боговдахновено дело го пронајде духовното воздигнување. Затоа го возвиши словото на вистината и за верата пострада до крв, свештеномаченику Григориј. Моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.“