Љубица од Белград преживеала две средби со Јозеф Менгеле, озлогласениот лекар од Аушвиц, и е една од ретките од таканаречениот „жив човечки материјал“ што преживеале нехуман третман и експерименти во логорот.

Приказната за Љубица Шаролиќ беше објавена уште во 1985 година, а и денес сведочи за едно од најмрачните поглавја во историјата на човештвото.

„Моето име не е важно – и денес нè препознаваат по броеви. Јас сум број 75744. Тоа три години беше моето име и презиме“, раскажува Љубица.

Таа вели дека никогаш не помислила да го отстрани тетовираниот број, бидејќи тој е потсетник на страдањата што не смеат да се заборават. Според неа, Аушвиц бил најголемата масовна гробница во историјата.

Љубица била уапсена во Љубљана на почетокот на 1943 година, кога имала само 12 години. По долга и тешка депортација, пристигнала во логорот Аушвиц, каде на рампата во Биркенау била извршена селекција.

Таму за првпат го видела Менгеле – човек кој изгледал смирено и дури љубезно, но зад таа маска се криела сурова и бесчувствителна природа. Особено внимание им посветувал на очите, а токму сините очи на Љубица го привлекле неговиот поглед.

Откако утврдил дека таа не е Еврејка, го изгубил интересот, но таа сепак била задржана како дел од медицински експерименти спроведувани од други лекари во логорот.

Љубица сведочи дека во логорот биле спроведувани бројни нехумани постапки врз затворениците, кои често завршувале со тешки последици. Аушвиц, како што вели, бил вистинска „фабрика на смртта“, место каде човечкиот живот немал никаква вредност.

По војната, таа се пријавила како сведок на судењата против нацистичките лекари во Германија, но никогаш не добила одговор.

„И денес слушам дека Менгеле е мртов, дека починал некаде далеку. Но јас не верувам во тоа. Чувството ми вели дека тој никогаш навистина не одговарал за злосторствата“, завршува Љубица.