Хрватска подготвува нови правила за странските работници кои престојуваат и работат во земјата, со фокус на јазичната интеграција и поголема контрола на работодавачите. Со предложените измени на Законот за странци, ќе се воведе задолжително учење и полагање испит по хрватски јазик како услов за продолжување на дозволата за престој и работа.

Според предлогот на хрватската влада, државјаните на трети земји – меѓу кои спаѓаат и македонските работници – по една година престој ќе треба да положат испит по хрватски јазик на ниво A1.1. Ова ниво опфаќа основна комуникација и разбирање на едноставни секојдневни изрази.

Покрај јазичниот услов, измените носат и неколку олеснувања за работниците. Се предвидува можност за промена на работодавач по шест месеци работа без потреба од вадење нова дозвола, како и проширување на можностите за промена на занимањето. Роковите за одлучување по барањата за дозволи ќе се продолжат на најмногу 90 дена.

Воедно, се засилува и контролата врз работодавачите. Ќе се воведе „црна листа“ за компании што ги прекршуваат правилата, а обврската за пријавување на прекин на работниот однос ќе биде нивна одговорност.

Деталите околу начинот на спроведување на курсевите и полагањето на испитот дополнително ќе се уредуваат, но пораката од властите е јасна – продолжувањето на дозволата за работа во Хрватска ќе зависи од основно познавање на хрватскиот јазик.