Постојат две зборчиња што родителите лесно ги изговараат кога детето е под силни емоции, но кои не се добри за него.
Кога детето, на пример, се сопне и малку се повреди или се скара со другар, и пред да има можност да проговори, вие велите: „Добро си“.
Тоа звучи утешно. Дури и охрабрувачки. Но не е.
Рим Руда, експертка за работа со деца, врз основа на истражување со 200 деца, изјави за „CNBC“ дека оваа добронамерна и многу честа фраза предизвикува долгорочна штета на начин на кој повеќето родители никогаш не би помислиле. Всушност, таа фраза, која на прв поглед делува толку безопасно, е нешто најопасно во родителството, смета таа и објаснува зошто е така.
Децата се сомневаат во сопствените емоции
Кога детето е видливо вознемирено и слуша „добро си“, тоа му испраќа збунувачка порака – она што го чувствувам не е вистинито. Со текот на времето, тоа ги одвојува децата од нивниот внатрешен емоционален свет и поради тоа не веруваат во сопствените инстинкти.
Го обезвреднувате детето кога му е најпотребна поддршка
Можеби тоа го велите со љубов, но детето слуша: „Твоите чувства не се важни“. А одбивањето – колку и да е суптилно – учи дека утехата и поврзаноста се присутни само кога е мирно. Тука започнува емоционалното потиснување.
Го попречува процесот на обработка на емоциите
Емоциите постојано поминуваат низ нас, а кога го прекинуваме тој природен процес со прерано уверување, им ја одземаме на децата способноста да ги идентификуваат, именуваат и регулираат своите емоции. Наместо да градиме отпорност, градиме избегнување.
Порачува дека љубовта е условена
Несвесно, со фрази како „добро си“, „престани да плачеш“ или „не плаши се“, на детето му всадуваме верување дека мора да ги потисне своите емоции за да биде прифатено. А кога се јавува чувство дека љубовта е условена, тогаш емоционалната безбедност, која е темел на менталното здравје, почнува да се распаѓа.
Го менува детскиот одговор на стрес
Нервниот систем се развива преку повторувачки искуства. Кога детето е вознемирено и се соочува со одбивање наместо поддршка, неговото тело учи дека не е безбедно да ги изразува емоциите. Со текот на времето, тоа може да го преобликува детскиот нервен систем така што ќе очекува дистанца, па нема да има доверба и сигурност да биде тоа што е.
Што да се каже наместо „добро си“
На децата не им е потребна поправка – потребно им е да чувствуваат. И што е уште поважно, потребно им е да знаат дека е безбедно да чувствуваат, особено пред вас. Еве силни алтернативни пристапи со кои ќе го потврдите внатрешниот свет на детето и ќе му дадете емоционална сила:
- „Верувам ти.“
- „Твоите чувства имаат смисла.“
- „Тука сум со тебе.“
- „Не мораш да бидеш добро сега.“
- „Го видов што се случи. Како се чувствуваш?“
Овие фрази и смируваат и зајакнуваат. Тие го учат вашето дете дека неговите емоции се важни, дека може да си верува, дека не е само.
Притоа, знајте дека навикнувањето на овие одговори бара време и многу е веројатно дека повремено повторно ќе кажете „добро си“. И тоа е исто така во ред. Целта е да практикувате таканаречено свесно родителство со кое кај детето се гради емоционална сигурност, а не се поткопува.
Овие ситуации можат да изгледаат неважно, но всушност помагаат детето да добие силна емоционална основа која е секако неизмерно важна за понатамошното растење и снаоѓање во животот.
