Поради зголемениот сообраќај и размена на стоки, потребите на пазарот постојано растат, но бројот на возачи не го следи овој раст.

Во Хрватска во моментов недостасуваат речиси 5.000 професионални возачи камиони, а проблемот е присутен и во целата Европска унија, каде што се проценува дефицит од над 240.000 возачи. На сериозните последици врз економијата предупредува Хрватската стопанска комора, додека стручните училишта истакнуваат потреба за долгорочни и системски решенија.

Меѓу оние кои наскоро ќе ја напуштат професијата е и Мартин Јариќ, кој веќе 40 години работи како возач камион. Како што се приближува пензијата, не е сигурен на кого ќе го пренесе своето знаење и искуство. Младите ретко ја избираат оваа професија, додека голем број искусни возачи заминуваат во други европски земји каде што условите за работа и платите се значително подобри.


Потребите на пазарот растат, а возачи нема доволно

Поради зголемениот сообраќај и размена на стоки, потребите на пазарот постојано растат, но бројот на возачи не го следи овој раст. Една од најголемите транспортни компании во Хрватска моментално вработува околу 300 возачи, што не е доволно за сите задачи што би можеле да ги извршат, пишува HRT.

„Мислам дека во моментов нема фирма во Хрватска, а би се осмелил да кажам ни во Европа, која има доволен број на возачи. Дури и 15–20% повеќе вработени би ни значело да имаме доволно луѓе за сите работи што можеме да ги понудиме“, изјави Милан Врдолјак, директор на транспортната компанија Рикардо.

Во Хрватската стопанска комора истакнуваат дека недостигот на возачи не го погодува само транспортниот сектор, туку има пошироко влијание врз целата економија.

„Цената на транспортот влијае на сè. За да стоката стигне од точка А до точка Б, треба да се плати на возачот. А за да се плати возачот, тоа има своја цена – се е причинско-последично“, нагласи Ведран Бествина, повисок стручен соработник во HGK Осиека.


Долгорочни решенија: подобри услови и образование

Едно од долгорочните решенија е подобрување на работните услови, иако е тешко да се конкурира со платите во Западна Европа кои може да достигнат и до 4.000 евра месечно.

„Се разбира, не можеме да ги следиме платите во ЕУ, но постојат дел од работодавците кои нашле механизми како да ги задржат возачите во Хрватска“, додава Бествина.

Проблемот делумно може да се реши и преку образовниот систем, но интересот за транспортни занимања е низок. Во Електротехничкото и транспортното училиште во Осиека секоја година за оваа професија се школуваат само дваесетина ученици.

„Веќе 15–20 години имаме само една паралелка годишно. Ситуацијата не се променила, но на пазарот сега недостасуваат многу повеќе возачи отколку порано“, изјави Антун Ковачиќ, директор на училиштето.

Стручњаците предупредуваат дека без јасна и долгорочна стратегија, недостигот на професионални возачи може да стане уште поголем проблем, не само за транспортните фирми, туку и за целата хрватска економија.