Предлог-буџетот за 2026 година е домаќински и развоен, со јасен фокус на подобрување на животниот стандард на граѓаните, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во гостување на телевизија Телма.
Според него, во новиот буџет се предвидува зголемување на пензиите за повеќе од 10 проценти, како и зголемени средства за социјална заштита, здравство и образование.
– Буџетот е скроен така што обезбедува фискална стабилност, но и развојна компонента, преку програми и сектори кои директно влијаат врз животот на граѓаните и домаќинствата – изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека финансиската рамка за социјална заштита и пензии е проширена, со цел пензионерите да добијат реална поддршка во услови на зголемени трошоци за живот.
– Обезбедени се средства со кои пензиите ќе бидат зголемени за над 10%. Пензионерите не треба да се грижат – нивните приходи ќе бидат усогласени со реалните животни потреби – потенцираше тој.
Петрушевски ги демантираше тврдењата на пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, дека буџетот за социјална заштита е намален, нагласувајќи дека тој е зголемен, исто како и буџетите за здравство и образование.
– Ќе има сериозна поддршка за ранливите категории. Во здравството се предвидуваат повеќе средства за нова медицинска опрема, подобрување на услугите и јавното здравје. Буџетот за образование е зголемен за 3 до 4 проценти – рече Петрушевски.
Според проекциите, со овој буџет се очекува раст на просечната нето-плата од 6,5%, зголемување на бројот на вработени за 1,6%, како и намалување на невработеноста на околу 10 проценти.
Тој додаде дека сите буџетски корисници биле вклучени во процесот на креирање на буџетот, во согласност со законските обврски.
– Апсолутно е невистина дека институциите не учествувале во изработката. Процесот е спроведен транспарентно, со буџетски циркулар и консултации со сите релевантни чинители – заклучи Петрушевски.
