Стопанската комора иницира промени во начинот на кој се користат неработните денови поврзани со верските празници. Предлогот е секој вработен да може однапред да избере два верски празници кои ќе ги одбележува како слободни денови.
Според иницијативата, наместо сите верски празници да се определуваат како неработни денови за одредени категории граѓани, изборот би се правел индивидуално, во договор со работодавачот.
Во Македонија во текот на годината има 11 денови кои се неработни за сите граѓани, а дополнително се предвидени и денови поврзани со верската припадност или со припадноста на одредена етничка заедница.
Од Стопанската комора сметаат дека поголемиот број слободни денови има влијание врз деловното работење. Особено се посочуваат периодите кога празниците се поврзуваат со викенди, бидејќи тогаш дел од граѓаните го користат продолжениот одмор за патувања надвор од земјата.
Од Комората сметаат дека со индивидуален избор би се избегнало автоматското користење на сите предвидени верски празници, а истовремено секој работник би можел да ги одбележува оние празници кои лично му значат.
Од друга страна, граѓаните сметаат дека евентуалното намалување на бројот на неработни денови не треба да биде приоритет. Според нив, поголемо внимание треба да се посвети на продуктивноста и условите во кои се одвива работата.
Тие посочуваат дека во јавноста се разговара и за можноста за пократка работна недела, па според нив е нелогично паралелно да се предлага и намалување на бројот на празнични денови.
Ставот на синдикатите е дека ваквата иницијатива не е изненадување и дека зад неа стои интересот на работодавачите да имаат што помалку денови во кои не се работи.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија реагираат дека верските празници имаат значење за семејствата и дека работниците треба да имаат можност да ги поминат тие денови со своите најблиски.
Од ССМ дополнително предупредуваат дека прашањето за недела како неработен ден и понатаму е предмет на притисоци од страна на дел од работодавачите, и покрај тоа што Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на законското решение.
Предлогот за промена на начинот на користење на верските празници допрва треба да биде предмет на поширока дискусија меѓу работодавачите, синдикатите и институциите./Telma
