Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека новинарите, медиумите и медиумските работници се опфатени со четвртиот сет мерки за справување со економските последици од кризата со коронавирусот.

Посочи и дека има планови во соработка со експерти од европската делегација во земјава да се направат пакети за финансиска одржливост на медиумите и по завршување на пандемијата.

– Новинарите, медиумите и медиумските работници се опфатени со четвртиот сет на мерки, со тоа што сега може да аплицираат и за бруто минимални плати, не само 14.500 туку до 21.770 денари. Во претходните пакети ги ослободивме од обврската за плаќање на лиценците кои ги вадат секоја година, директно преку АЕК помогнавме за одредени права на медиумите и продолжуваме и натаму.

Верувам дека во скоро време ќе биде даден предлог од МИОА за укинување на членот 102, односно негова промена за да може да ги помогнеме медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично, во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните одлуки како што се седниците на управни одбори, на совети итн, изјави Заев.

Крајниот рок за искористување на ваучерите за туризам е 15 декември 2020 година, соопшти денеска Министерството за економија.
Заклучно со денешниот ден се искористени 61.648 ваучери за домашен туризам од вкупно доставени 100.336 ваучери на валидни е-маил адреси.

Платформата „Дома си е дома“ преку која се реализираше мерката ваучери за домашен туризам ќе биде затворена за реализација на оваа мерка на 15.12. 2020 година.
Гостите кои што користат ваучер за домашен туризам ќе треба да бидат одјавени од сместувачките капацитети најдоцна до 15.12. 2020 година.
Хотелиерите кои што имаат гости кои што користат ваучери за туризам ќе треба најдоцна до 18.12.2020 година до Министерството за економија да достават фактури за плаќање, по што до крајот на годината ќе им бидат исплатени средствата од искористените ваучери.
Со мерката ваучери за домашен туризам во вредност од 6.000 денари која е дел од Третиот сет мерки на Владата за справување со последиците предизвикани од пандемијата беа поделени 117.531 ваучер за домашен туризам на сите вработени граѓани кои во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле вкупни нето приходи од плата и надоместоци од плата не поголеми од 60.000 денари според податоците од Управата за јавни приходи.
Ваучерите за туризам се користеа во домашните туристички објекти кои беа регистрирани на платформата “Дома си е дома“.
