„Би сакал малку да се тргнам од сè, но не можам. Од сè ми е преку глава“ – зборови на славниот пејач кои и денес предизвикуваат морници.
Тоше Проески, иако имаше само 26 години, зад себе остави богат музички опус, бројни хитови и, што е најважно, безброј добри дела. Пејачот со ангелски глас остана запаметен по топлата насмевка, благоста во погледот и енергијата со која го облагородуваше секое друштво. Иако прерано замина од овој свет, луѓето како него никогаш не умираат – неговите песни и денес го наоѓаат патот до срцата на сите генерации, а како човек останува длабоко почитуван.
Вистинското име и потекло
Роден е во Прилеп, а израснал во Крушево, во цинцарско семејство. Малкумина знаат дека неговото вистинско име било Тодор, како и дека семејството го сменило презимето. Првично се презивале Проја, но подоцна го промениле во Проески, за да биде во духот на македонскиот јазик.
Тоше често знаел да каже дека има желба повторно да го врати старото презиме.
„Јас се викам Тодор Проески. Мојот дедо се презиваше Проја, но под влијание на средината го сменивме презимето. Искрено, планирам да го вратам старото презиме ако решам да правам светска кариера. На странците им е многу полесно да го изговорат и запомнат Проја отколку Проески“, изјавил во една пригода.
За малку немаше да стане пејач
Пејачката Тијана Дапчевиќ откри една малку позната приказна од почетоците на Тоше. Како средношколец, тој свирел кларинет во музичко училиште, кога бил забележан од таткото на Тијана.
Тој тогаш го слушнал и како пее и веднаш реагирал:
„Каков кларинет, тој е пејач, мора да пее!“, се присети Тијана.
Тој го кажал тоа и на таткото на Тоше – и така започнала една музичка историја.
Последниот разговор – седум часа пред смртта
Последниот разговор Тоше го имал со својот сосед, само седум часа пред трагичната несреќа.
„Многу ни недостасува. Беше човек со големо срце. Го видов седум часа пред да загине, разговаравме речиси два часа. Ми кажа дека има телевизиско гостување, а потоа оди за Загреб. Кога ѝ јавија на семејството дека загинал, никој не можеше да поверува… Целиот Балкан тагуваше“, изјавил соседот.
Последното јавно обраќање – како најава на трагедија
Седум часа пред смртта, Тоше гостувал во емисијата „Вртелешка“ на македонска телевизија. Иако обично ведар и позитивен, тогаш бил видно уморен и вознемирен, зборувајќи за тежината на славата.
„Би сакал да се тргнам од сè, но не можам. Мајката машина ме стави во барабан и готово – нема враќање. Патувања, интервјуа, шминкање, пакување… од сè ми е доста“, рекол со тежок глас.
Зборувал и за тоа дека сака обичен живот – прошетка, кафе, купување – нешта што со години не можел да си ги дозволи.
„Сакам да живеам како нормален човек. Сакам, но не можам“, рекол тажно.
Мистеријата околу смртта
И по повеќе од 15 години, смртта на Тоше Проески е обвиена со сомнежи и шпекулации. Во јавноста се појавија различни теории, тврдења и контроверзии, но вистината никогаш целосно не беше разјаснета, што дополнително ја продлабочи болката кај неговите обожаватели.
Најголемата љубов – Андријана Будимир
Иако медиумите често го поврзуваа со различни девојки, Тоше приватниот живот го чуваше далеку од јавноста. Сепак, познато е дека неговата најголема љубов била ракометарката Андријана Будимир.
Нивната врска започнала во 2001 година, подоцна раскинале, но повторно се смириле во 2007 година – токму на неговиот роденден. Почнале да живеат заедно и планирале иднина, брак и семејство.
Последната порака што Тоше ѝ ја испратил била:
„Принцезо моја единствена, спиј убаво, ќе те чувам во сонот. Сè има смисла откако повторно си во мојот живот. Те сакам.“
По неговата смрт, Андријана многу тешко ја поднела загубата. Подоцна, по години болка, повторно пронашла љубов, се омажила и добила син. Денес е сопственичка на приватна ракометна школа и успешен тренер.
