Животни лекции што помладите ретко ги слушаат, а постарите никогаш не ги забораваат.

Постарите генерации навистина поминале низ сè – од Втората светска војна, разни државни и политички кризи, до бумот и развојот на технологијата. Низ целиот свој живот биле сведоци на најразлични настани. Со толку години искуство, речиси е неизбежно дека човек ќе направи или ќе каже нешто за што подоцна ќе зажали.

Тоа може да биде сè и сешто – многумина со текот на годините добиваат чувство дека пропуштиле можности во младоста. Некои се прашуваат дали требало повеќе да патуваат, други жалат за изборот на кариера или партнер. Но таков е животот – од секое искуство може да се извлече поука.

Токму поради тоа, еден јутјубер излезе на улица и ги праша луѓето на возраст од 60 до 90 години за што најмногу жалат. Нивните одговори можеби ќе ве изненадат.

Каналот „Sprouht“ им постави лични прашања на постарите: кои биле нивните најголеми грешки, што ги загрижувало во минатото и каков совет би му дале секој на својот помлад „јас“.

Клипови со нивните одговори беа споделени на мрежата X и предизвикаа воодушевување. Повеќето дадоа слични совети, а еден 95-годишник особено се издвојува со реченица што би му ја кажал на себеси од младоста:

„Обиди се да бидеш што е можно попозитивен, бидејќи утре може да биде подобар ден – освен ако сам не го направиш полош.“

Еден 64-годишен маж рече:
„Не сфаќај сè премногу сериозно. Во последните 30-40 години многу мои пријатели починаа, се разболеа, доживеаја несреќи. Никогаш не знаеш кога ќе заврши. Затоа – опушти се. Уживај во животот.“

Една жена порача:
„Ако нешто во животот е токсично – држете се подалеку од него. Не се фокусирајте на негативното. Нема потреба.“

Нејзиниот сопруг, пак, имаше краток но длабок одговор:
„Не сакам да давам совети. Секој сам ќе си го најде својот пат.“

Друга жена се осврна на светските настани, објаснувајќи зошто смета дека многумина денес имаат проблем со пронаоѓањето среќа:

„Мислам дека ковид-19 многу промени. Ни покажа дека не сме толку безбедни колку што мислевме. Она што се случува во Израел, во Украина – ги разбуди луѓето. Живееме во удобност, но тоа може брзо да исчезне.“

На прашањето кој би бил нејзиниот најважен совет, таа одговори:
„Останете смирени. Продолжете понатаму. Мора да одржувате одредено ниво на мир и фокус. Ценете го животот – благодарноста е клучна.“


Малкумина се оние што не се соочуваат со предизвици и проблеми во текот на животот. Затоа треба да бидеме подготвени на сè и да не очајуваме – барем така советуваат најискусните. Преку нивните зборови и мудрост сигурно можеме да го направиме времето што го имаме на овој свет поквалитетно.