Стан со површина од 83 квадратни метри во општина Центар е продаден по рекордни 246.171 евра, односно 182.404 денари за квадрат, покажува најновиот извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности.

Во четвртиот квартал од 2025 година најголема активност кај продажбата на станови има во општина Аеродром, каде се реализирани 304 трансакции. Кај куќите води Битола со 91 продажба, додека најмногу продаден деловен простор има во Центар – 31 трансакција.

Најмногу продажби на земјоделско земјиште и шуми се регистрирани во Куманово – 110, а кај градежното земјиште води Ѓорче Петров со 43 продажби. Во истиот период се продадени и 194 гаражи низ државата.

Од октомври до декември се евидентирани 1.004 новоизградени станови, што е раст од 159 во однос на претходниот квартал. Во Катастарот се заведени и 27.522 листови за предбележување градба, што укажува на силен градежен бран и нови објекти што допрва ќе влезат на пазарот.

Вкупниот број трансакции со недвижности во четвртиот квартал изнесува 9.283, што е зголемување од 964 во споредба со претходниот период. Од нив, 6.230 се купопродажби, а 3.053 се закупи. Продажбите учествуваат со 55%, а закупите со 33% од сите трансакции.

Декември бил најактивен месец со 3.274 трансакции, од кои 1.863 се продажби. Најмногу закупи има во октомври – 1.106, а најголем број продажби на новоградби од инвеститор исто така се регистрирани во октомври – 416.

По број на трансакции води општина Центар со 812, пред Аеродром (645), Штип (634), Карпош (472), Битола (415) и Гази Баба (410). Во помалите општини активноста е значително пониска, што укажува на нерамномерна распределба на пазарот.

Од вкупно 3.053 закупи, најголем дел се станови – 1.369, потоа деловни простори – 911, куќи – 399 и земјоделско земјиште и шуми – 257.

Според податоците на Народната банка, цените на недвижностите во последниот квартал пораснале за 25% на годишно ниво. Државната статистика дополнително покажува раст и кај градежната активност – издадени се 304 одобренија за градба со планирани 761 стан, од кои најголем дел се во Скопскиот регион.