Во петокот ги кренале и хеликоптерите бидејќи знаат дека ова не е обично исчезнување и дека Петар не би заминал тукутака по сопствена волја
Шпанската полиција ги кренала и хеликоптерите во потрагата по исчезнатиот 73-годишен државјанин на Србија, Петар Илиќ од Свилајнац, кој исчезнал на 4 октомври во Естепона. По него се трага веќе една недела, а според информациите објавени во српските медиуми, Цивилната гарда во регионот Коста дел Сол во петокот, на 9 октомври, ги кренала и хеликоптерите за темелно да ја пребара областа во која Петар последен пат бил виден.
Тој исчезнал во шума во близина на градот Естепона. Според зборовите на неговите пријателки од Свилајнац и Смедеревска Паланка, на денот на исчезнувањето биле заедно на плажа во местото Нуева Аталаја. Кога околу 18 часот тргнале кон хотелот во кој биле сместени, Петар се вратил на плажата за да го земе мобилниот телефон што го заборавил.
Телефонот веднаш го пронашол друг пријател од групата со кој Петар допатувал и го однел во хотелот. Кога Петар им рекол на пријателките дека оди по телефонот, тие мислеле дека брзо ќе се врати, па му кажале дека ќе одат побавно за да може да ги стигне по пат.
Меѓутоа, набргу сфатиле дека исчезнал. Сè му пријавиле на туристичкиот водич, а откако го пребарале летувалиштето, случајот го пријавиле во полиција.
„Таму им рекле дека ќе реагираат дури по 72 часа, што можеби е и предоцна. Дознав дека полицијата ја пронашла последната снимка на која се гледа мојот пријател.
На снимката се гледа како во една уличка, наместо да сврти десно кон хотелот, тој свртува лево, кон шумата. Полицијата утврдила дека последен пат бил виден на почетокот на таа шума, но таму му се губи секоја трага.
Во петокот ги кренаа и хеликоптерите бидејќи знаат дека ова не е обично исчезнување и дека Петар не би заминал тукутака по сопствена волја. Нагласувам дека Пера не е дементен и дека е многу витален човек. Постојано патуваше и возеше мотори“, раскажува неговиот близок пријател Славиша Марковиќ.
Тој додава дека ги контактирале сите болници и мртовечници, но никаде немало трага од Петар.
„Да му се слошело или да му се случело нешто несреќно, за седум дена ќе бил пронајден во толку мало место.
Она што особено ме загрижува е можноста да бил жртва на грабеж или на нешто уште полошо. Тој е девизен пензионер од Швајцарија и сега уживаше во сè што го заработил со многу труд.
Тој ден носеше часовник „Ролекс“, златни прстени, нараквица и златен синџир. Се плашам дека некој го нападнал поради накитот или дека некој го набележал уште кога тргнал од Свилајнац.
Неговиот автобус од Свилајнац тргнал заедно со автобусот од Белград, па заедно пристигнале и во Естепона. Се плашам дека во белградскиот автобус можеби имало сомнителни лица кои го набележале Пера, бидејќи можеле да забележат дека е многу имотен.
Исто така, можно е да се вмешани и некои лица од Шпанија или, не дај Боже, некоја банда од Естепона, бидејќи знам дека пред еден месец биле уапсени некои опасни српски криминалци кои во тој град имале соба за мачење жртви.
Но, дури и ако некој сакал да го ограби, зошто не го направил само тоа и не го пуштил? Каде е тој сега?!
Како што минуваа деновите, почнав да мислам дека можеби семејството ќе добие барање за откуп, само да е жив, но нема ништо. Седум дена навистина се премногу за да не знаеме ништо“, вели Марковиќ.
Петар работниот век го поминал во Швајцарија. Бил сопственик на такси-служба и стекнал многу со напорна работа, но бил и исклучително хуман човек.
„Токму во септември, преку нашиот мото-клуб, чиј почесен член е тој, организиравме хуманитарна акција во која на децата им делевме патики. Една од неговите најголеми желби беше да стане бајкер.
Тој е прекрасен човек и сите го обожаваме. Сакам да направам сè што можам за да помогнам во неговото пронаоѓање.
Неговиот син живее во Швајцарија, па во четвртокот заминал за Шпанија за да ги чека вестите. Сопругата на Пера е целосно скршена и останала во Свилајнац, каде што живеат заедно.
Да исчезнеше во Босна или некаде поблиску, на место што ни е познато, ние од мото-клубот ќе отидевме да го бараме. Но, Шпанија ни е голема непознаница.
Многу ми е жал што ова му се случува на Пера. Очекувам само добри вести“, заклучува Славиша Марковиќ, близок пријател на исчезнатиот Петар Илиќ.
