Влатко Трајковски, бранител од конфликтот во 2001 година и учесник на протестите и настаните од 27 април 2017 година, во емисијата „Претрес со Ландов“ се наврати на периодот по настаните во Собранието и на своето судско искуство, кое го опишува како длабоко неправедно.

„Обвинителите ми понудија да потпишам признание и да ги посочам другите обвинети, со ветување за полесна казна или ослободување. Тоа го одбив“, вели Трајковски.

Тој истакнува дека неговите деца знаат каков е и дека, според него, зад неговото апсење стои политичка одлука.

„Мене политиката ме затвори. Заев ме затвори. Најмногу сум гневен на самиот себе – можев многу да направам на 27 април, а не направив ништо. Денес ја носам пресудата. Не се каам што бев бранител, но сум лут на тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои добија гласови, а одвнатре од Собранието не направија ништо“, вели тој.

За Никола Груевски, кој во 2017 година ги повикуваше граѓаните да не остануваат дома, туку да излезат на протести, Трајковски не сакаше детално да коментира, наведувајќи само дека го смета за добар политичар и економист.

Тој се осврна и на настаните од 2001 година, упатувајќи остри критики кон тогашното државно раководство.

„Во 2001 година Бранко Црвенковски, Борис Трајковски и Љубчо Георгиевски ја предадоа Македонија. Војната беше режирана. Луѓе кои беа означувани како терористи подоцна беа претставени како бранители на човекови права. Овој народ не заслужува држава. По издржувањето на казната, заминувам од Македонија“, изјави Трајковски.