Во земјава пристигна нова донација на вакцини од 20 000 дози, а дополнително ќе пристигнат уште 20 000. Станува збор за донација од Србија, која денеска во кругот на Клиничкиот центар во Скопје ја пречекаа премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.




„Пристигна втората донација од Србија, акт на огромно пријателство кое доаѓа во многу значајно време за нас. Се работи за два пати по 20 000 вакцини од ‘Спутник В’ кои ги добиваме од пријателска Србија во период кој е многу важен за да продолжи континуитетот на масовната вакцинација во земјата“,
рече Заев.




Ова е втора донација од Србија, откако претходно ни донираше и 8 000 вакцини од „Фајзер“.




Со донацијата, рече Филипче, ќе се овозможи континуитет во вакцинацијата додека да пристигнат вакцините кои земјава ги има нарачано. Дел од нив ќе се искористат за вакцинација на возрасното население, дел за критичните групи на вработени во државната инфраструктура.
