Производителите на мобилни телефони знаат како треба да ги полните уредите, но не ве предупредуваат за тоа бидејќи тоа не е во нивна корист.

Батериите на паметните телефони имаат ограничен животен век, а начинот на кој ги полните може уште повеќе да го скрати. Затоа е важно да го знаете најдобриот начин да го направите тоа.

Повеќето луѓе го полнат телефонот навечер, додека спијат, кога не им треба, но тоа всушност е грешка, пишува Business Insider.

Полнењето на телефонот цела ноќ и оставањето на уредот на полнач откако ќе достигне 100 проценти полнење воопшто не е добро за батеријата, бидејќи го забрзува процесот на нејзино слабеење. Батеријата дефинитивно ќе ослабне со текот на времето, но би можеле да ја зачувате нејзината моќ долго време доколку внимавате како и колку долго го полните телефонот.

Производителите на телефони нема да ви го кажат тоа, бидејќи нивната цел е да ве натераат да го купите нивниот нов производ, а ако батеријата ви е слаба, поголема е веројатноста да го направите тоа.

Apple никаде не спомнува дека полнењето на телефонот преку ноќ ја оштетува батеријата, додека Google тврди дека тоа е застарено верување и дека самиот телефон ќе го запре процесот кога батеријата е 100 проценти полна.

Па, како го полните телефонот?

Литиум-јонската батерија најмалку слабее ако ја држите на 30 или 50 проценти полнење. Samsung и Apple се согласуваат дека е најдобро батеријата да се наполни до 50 проценти, бидејќи тоа „ќе помогне да се продолжи нејзиниот век“.

Сепак, не е реално да се очекува од корисниците постојано да ја држат батеријата наполнета на 30 до 50 проценти, бидејќи на повеќето луѓе им е потребна за да трае што подолго, особено ако знаат дека некое време нема од каде да ја наполнат.

Клучната работа е всушност тоа што батеријата не е полна 100 проценти долго време, затоа избегнувајте да го ставате уредот на полнач во текот на ноќта секогаш кога е можно.