Баунти: Бунт, изгнанство и раѓање на една изгубена заедница

Замислете пуст остров во средината на Тихиот Океан, тиркизни бранови удираат во карпите, а околу вас – само тишина. Освен, се разбира, десетте жени и еден маж – Џон Адамс. Звучи како фантазија или филм, но ова сценарио е дел од вистинската приказна за еден од најпознатите бунтови во поморската историја – оној на британскиот брод „Баунти“.

Почетокот на авантурата

Во 1787 година, Британија го опремила бродот „Баунти“ под водство на капетан Вилијам Блај, со цел да пренесе садници од лебно дрво од Тахити до Карибите. Овие дрвја требало да обезбедат евтина храна за робовите на плантажите.

Но, по пристигнувањето во Тахити, морнарите биле маѓепсани од животот таму – топла клима, изобилство од природа, и најмногу – тахитските жени, кои покажувале големо гостопримство. Наместо брзо враќање, престојот се одолжил на 23 недели, доволно за многу морнари да формираат врски и семејства.

Бунтот

По напуштањето на Тахити, дел од екипажот, предводен од Флечер Кристијан, организирал бунт на 28 април 1789 година. Капетанот Блај и неговите лојалисти биле избркани од бродот, а бунтовниците се вратиле на Тахити. Сепак, стравувајќи од апсење, тие тргнале во потрага по засолниште, со неколку Тахиќани и десетина жени.

На 15 јануари 1790 година, пристигнале на ненаселениот остров Питкерн, далеку од познатите морски патишта. Таму започнале нов живот.

Насилство и хаос

Првично, колонијата цветала. Но, со тек на време, се појавиле конфликти. Недостатокот на жени, алкохолот и ропскиот третман на Тахиќаните довеле до сериозни судири. Биле убиени повеќето Англичани, вклучувајќи го и Кристијан. Од првобитната група преживеале само четворица – меѓу нив и Џон Адамс.

Последниот бунтовник

На почетокот на 19 век, на островот останале само Адамс и десет жени со нивните деца. Адамс се посветил на верата, образованието и создавање организирана христијанска заедница. Со текот на времето, тој станал лидер и учител.

Во 1808 година, американскиот брод „Топаз“ го пронашол островот. Адамс подоцна добил амнестија за својата улога во бунтот. Кога британски капетан го посетил островот во 1825 година, таму живееле 49 луѓе – претежно потомци на бунтовниците. Островот станал симбол на искупување и нов почеток.

Денес

Главната населба Адамстаун го носи името на Џон Адамс. Питкерн и денес е британска територија со околу 50 жители, најмногу постари лица. Младите одамна се преселиле во Нов Зеланд или Австралија. Но, островот живее од туризам и сеќавања на драматичната историја – една од најнеобичните приказни што започнува со бунт, а завршува со утописка заедница.