Владата и репрезентативните синдикати на администрацијата постигнаа повеќегодишен договор со кој се опфаќаат околу 11.000 вработени, а кој предвидува постепено и значително зголемување на платите во наредниот период. Договорот ќе важи до 2028 година, а за неговата реализација се планирани средства од над 10 милиони евра.
По средбата со синдикалните претставници, премиерот Христијан Мицкоски оцени дека станува збор за крупен исчекор во регулирањето на статусот и примањата на административните службеници. Тој нагласи дека со овој пристап државата како најголем работодавач воспоставува јасна и долгорочна рамка за раст на платите и уредување на работните односи.
Според најавите, договорените зголемувања ќе се спроведуваат преку поединечни договори по институции. Од Владата очекуваат паралелно со растот на примањата да следи и подобрување на квалитетот и ефикасноста на услугите кон граѓаните и бизнис-секторот.
Премиерот посочи дека постои подготвеност за нови разговори и за склучување на нов Општ колективен договор со синдикалните сојузи, кој ќе биде основа за идната пресметка на платите во јавниот сектор.
Од синдикатите на управата и правосудството велат дека по долги преговори конечно е постигнат напредок и решение кое ги адресира нивните клучни барања, оценувајќи го договорот како значаен чекор за вработените во администрацијата.
