Доцна вечерва Груевски се огласи на својот ФБ профил, неговиот пост ви го пренесуваме во целост:
Што е вистинската цел на власта со формирање комисија која треба да утврдува дека Ванчо Михајлов бил фашист?
Ако е целта да не постои клубот на Македонски граѓани со бугарска самосвест со името на Ванчо Михајлов, тогаш можеле тоа да го спречат уште додека се основал тој клуб.




Тие издале дозвола без проблем. Можеле на пример додека течела процедурата да извршат измена на закон по брза постапка со кој ќе нашле начин, тоа да не се случи. На пример дека неможе имиња на историски личности родени на територијата на Македонија да се користат во Македонија за формирање клубови и здруженија чија основна дејност е здружување на етничка основа на заедници кои не се наведени во уставот. Или со закон да се даде дискреционо право на министерот да одбие прифаќање на име на здружение чие име е политички чуствително или може да предизвика меѓуетнички или меѓудржавни проблеми.




Така, законски би била елиминира таа можност. Веројатно ова не се најдобрите дефиниции или решенија бидејќи без некоја посебна анализа ги напишав одкако први ми дојдоа на ум одкога почнав да го пишувам овој текст, но веројатно работна група задолжена за тоа би смислила нешто многу подобро од ова.




Мојата поентата е дека Македонија е држава. Ако сакала нешо да спречи што би ги повредило чуствата на поголем број нејзини граѓани, или би и направило поголем проблем, секогаш има начин, но јасно е дека тогаш немало таков напор ниту намера од страна на власта.




Впрочем здружение со еден од најчесто користените псевдоними на Ванчо Михајлов, “Ратко” постои оддамна во Македонија, што наведува на заклучок дека не е толку до името, до атмосферата е, до болката од она што ни го прави нашиот источен сосед, кое не е само запирање на преговорите за членство во ЕУ а со тоа и подобра перспектива на нејзините граѓани, туку се доживува како едно насилие од моментално посилниот и во подобра положба сосед, заради неговото членстово во ЕУ, кон нас, како сосед кој не е, а се стреми да биде член.




Дури и да успеат во намерите преку разни уценети влади и политичари, долгорочно ќе го постигнат токму спротивниот ефект. Грција со слична политика направи ситуација да името Македонија без придавката “Северна” стане свето име за македонците во Македонија и дијаспората како никогаш претходно, а наметнатата придавката да стане само административен збор кој никој не го употребува освен кога административно или правно мора да го направи тоа, со исклучок на мала група политичари од власта.




Слично ќе биде и со источниот сосед, дури и ако успеат во актуелните напори. И едните и другите тоа би можеле да го прикажат како успех, но само во една партиска или владина структура која излегува на избори, но никако како дефинитивно затворено историско прашање и цел, дека Макеоднија е Грчка или Македонците се Бугари, низ една призма на децениите пред нас.




Знам дека политичарите и во двете земји сметаат дека за 20-30 или 50 години ова ќе се заборави и со тек на време генерациите ќе се навикнат на реалноста, па така целите долгорочно ќе се остварат.
Сепак, историјата во последните 150, 200 и повеќе години го негира тоа и тоа во времиња кога македонците немале своја држава.
Минатата година кога се формираше овој клуб настана вистинска хистерија во нашето општество кое споредено со другите, за жал не може а да не се каже дека гледано како национален просек не се вбројува меѓу оние општества што многу читаат, вклучително и историја.




Кога денес му пишав на еден мој добро образован пријател кој меѓудругото добро ја познава македонската историја, но очигледно многу разочаран од состојбите во Македонија, дека ќе напишам текст на оваа тема, пишувајки му ги клучните поенти во две-три реченици, и веројатно ќе бидам нападнат од многу страни, ми врати со следниот текст (цитат):
“Мислам дека не вреди да се објаснува на јавноста која не чита! Зошто не отворат книга да читаат, треба некој да им раскаже. И зошто, за да утре и тебе те обвини дека си михајловист! Ова е земја со најниско ниво на читање во цела Европа! Дали вреди да се објаснуваш? Нека живеат во својот свет. Старите при тоа викаат при слеп без очи. Сакаш да им објасниш, за утре порталите да се полнат со неписмени страници против тебе? Мислам дека не вреди да се троши човек на тоа. Може да се напише и објасни ако еден ден се создаде критичка мисла за тоа, да се отвори дебата базирана на факти, аргументи, прочитани книги, а не вака, некој без прочитано било што сериозно на темата, утре да суди и да лепи етикети за работи за кои тој нема врска!




Секако неговото име нема да го објавам за да не го изложам на непријатности, но сепак ќе го напишам тоа што го планирав. Дали Ванчо Михајлов бил фашист чие име треба со закон да се забрани да биде име на здружение.
За Ванчо Михајлов можат да се кажат многу работи. Во редот на оние негови одлуки кои предизвикуваат негативни чуства кај мене, а за што има неспорни докази, е фатот што во неговиот период се донесени преголем број смртни пресуди за членови од Организацијата спротивно на статутот на ВМРО, според кој статут ЦК морал да ги потврди тие пресуди на пониските организациски структури пред да станат полноважно и да се извршат. Во време кога тој не сметал дека другите двајца членови на ЦК ќе ги одобрат тоа, го користел своето влијание за истите да се извршат без разгледување и одлука на ЦК.




Најчесто образложенијата биле дека тие се предавници, шпиуни, соработници на туѓи служби и сл. но историските документи покажуваат дека во голем број од случаите тоа не е така, туку станува збор за негови неистомисленици, а често и лица за кои веројатно ценел дека може да ја загрозат неговата позиција во Организацијата.
На тој начин елиминирани се огромен број интелектуалци, дејци и револуционери на ВМРО, што значајно и неповратно ја ослабнало Организацијата, создало чуство на неправда, желба за освети и освети, и силно се намалила нејзината подршка меѓу широките народни маси во Македонија (нема да одам во детали за т.н. братоубиствена пресметка во ВМРО бидејќи текстот ќе отиде во друга насока).




Јас самиот велам дека од денешен аспект никој од нас не треба да суди на историските личности за нивни одлуки пред 100 години, туку треба длабоко да проникне во времето и просторот и само да се разберат и опишат нивните мотиви во дадените околности, за да се каже зошто некој сметал и постапил вака, а друг онака. Затоа велам дека овој историски факт поврзан со В.Михајлов кај мене креира најнегативни чуства.
Дали Ванчо Михајлов бил терорист? Секако! Како и сите други револуционери на ВМРО и нивни водачи од Татарчев, Даме Груев и Гоце Делчев, па донАлександров и В.Михајлов!




Во ситуација на толку голема асиметричност на силите ВМРО неможел да одбере друг начин на револуционерна борба за слобода, освен терористичките акции и четничките акции (со четници што всушност се членови на чета, кои се нарекувани “комити”), а наспроти неспоредливо помоќната османлиска империја, Кралството на СХС, подоцна преименувано во Кралство Југославија и Кралстовто Грција, повремено против кнежеството а подоцна Кралство Бугарија и против неформалните паравоени формации кои самите овие држави ги формирале да се борат против ВМРО, како андардските чети во Грција, портокаловата гарда во Бугарија, четите за брза реакција кога Макеоднија е под српска власт итн.




И двата методи, четнички и терористички се користат во целиот период на постоењето на ВМРО, со тоа што во времето кога водач е Ванчо Михајлов многу повеќе доминира терористичкиот начин на борба, веројатно и заради намалената доверба кај народот предизвикана од братоубиствената борба, зголемените даноци кои ги собира Организацијата, зголеменото “шурување” со бугарските воени и политички власти итн., што резултирало со помал одзив и помала подготвеност за вклучување во четите на народот. Но тероризмот не бил акција, туку реакција на она како се однесувале властите кон македонското население.
На теророт вршен врз населението и неговите права и слободи, ВМРО организирано возвраќала со главно со терор на воено-полициските и политички структури на режимите од кои страдало населението.
За што се борел Ванчо а Михајлов и како се чуствувал?




Нема сомнеж дека Ванчо Михајлов се борел за обединета и независна држава Македонија во своите етнички и геогравски граници. И тоа секако е нешто што мора да се брои како најпозитивно во отценките за него.
Дали тоа го правел бидејќи му станало јасно дека големите сили нема да дозволат голема бугарска држава, или што и да биле причините, непобитен факт е дека тој се борел за обединета и независна македонска држава, цел за која се бореле и многу други револуционери а подоцна и партизани во втората светска војна.




Од историска перспектива многу поважно е за што тој се борел одколку какво национално самочуство имал, затоа што во светската историја има многу случаи кога припадници на различни нации се борат за слобода, независност и државност на други народи. И чустовствата на еден човек може да е повеќе предмет на анализа на психолози или на социолози, а помалку е значајно за историчарите. Историчарите не се бават во прв ред со чувства, туку со стратегии, цели, историски настани и одлуки.




Во врска со националнато самочуство Ванчо Михајлов неможеме да го вброиме во оние македонски револуционери кои се пишувале и чуствувале како Бугари само заради т.н. “милет систем” кој народот во еден регион на османлиската империја го нарекувале и го навикнуваме да се нарекува според црквата во која оди, а народот немал избор каде да оди освен во бугарска (егзархија) или грчка (патриаршија). Поретко имло влашка и српска.




Тоа бил изборот. А црквата небила како денес само црква туку и систем на образование. Сите училишта биле под јурисдикција на црквата. Сите учители и наставни програми ги уредувала црквата. Немало цивилни училишта. Дипломите за завршено училиште ги давала црквата, историјата која ја учеле ја одредувала црквата, училиштата биле црковни, учебниците итн. Црквата на некој начин била како министерство за образование или барем извршувала дел од неговата дејност.
Одтука, за време на милет системот до 1912 година, и сите кои своето образование го стекнале во тој период, најчесто се пишувале Бугари, но во реалноста тоа е припадност на црковна заедница а не кон нација и тоа е време на создавање на нациите во Европа и време кога се создава и македонската нација.




Така, сите оние што се образовале по милет системот некаде до триесетите години на 20 век, па дури и до втората светска војна се нарекуваат Бугари, но не во етничка или национална смисла, туку како црковна припадност.
Додека оние чие образование се одвивало по 1912 година, похрабро и секако постепено започнале со изразување на национално чуство како македонци, наместо црковно.




Да не говориме за големите пропаганди на балканските држави од тоа време во правец на асимилација на наслението на територијата на Македонија, да се пишат Грци, Срби или Бугари. активност за која се трошеле огромни пари од буџетите на државите, а Македонија тогаш сеуште нема своја држава и свои институции а со тоа ни буџети. Но, тоа е друга тема.
Ванчо Михајлов не спаѓа во оваа група Македонски револуционери кои се пишувале Бугари, затоа што и кога се создава македонската држава и нација тој повторно се декларира како човек со бугарско самочуство и го негира постоењето на македонската нација, за што сведочи и неговото интервју во 1990 година за еден бугарски медиум. Факт е дека и во време кога бил активен, тој за Македонија говорел како држава на Бугари и други народи во неа, но не Македонци. Но, факт е и дека од германските архиви коиндатираат од втората ќќќ светска војна, десетина години подоцна, јасно и прецизно германските преставници во Македонија пишуваат писма до нивните власти во Берлин дека мнозинството народ во Македонија се чуствуваат Македонци а Бугарите и Србите се малцинство, па дури и дека бугарската власт е преагресивна во напорите да всади бугарско самочуство кај Македонците и дека тоа создава голем отпор кај населението.




Но, тоа е негово, на Ванчо Михајлов лично право како се чуствувал. Како што било и лично право на многу други Македонци во организацијата со македонско национално самочуство, на пример Борис Сарафов уште пред 1907 година кога е убиен вели дека македонците се различни и не се ни Срби, ни Бугари ни Грци туку Македонци. Како што е право на 3.550 македонски граѓани со бугарски национално самочуство и како такви се декларирале на последниот попис минатата година. Како што е право и на Македонците во Бугарија со македонско, а не бугарско национално самочуство, каде за жал нашиот сосед не им остава можност во графата за национална припадност да се впишат како Македонци и го негира постоењето на Македонци со македонско национално самочуство во Бугарија, што сите слушаме и гледаме дека постои и се многу активни колку што им дозволува состојбата во која се.




И конечно, дали Ванчо Михајлов е фашист? Јас мислам дека неможе секој кој имал некакви политички средби или соработка со фашистите да се нарече фашист. Тоа е моето убедување. Нацистичка Германија и фашистичка Италија, како и подоцна нивните сателит држави биле моќна сила во тоа време со која заради една или друга причина на некој начин волно или неволно политички соработувале речиси сите важни политички и воени фактори во тоа време, особено до почетокот на втората светска војна.




ВМРО како единствена високо организирана политичка и воена сила и фактор во Македонија, барала разни начини за да ја оствари долгоочекуваната слобода и независна држава Македонија. Дел од нив можеби во даден момент гледале некаква шанса во соработка со фашистичка Германија да остварат некои цели, но тие цели повторно биле формирање независна и суверена обединета Макеоднија.
Ванчо Михајлов имал некои средби и дискусии со фашистичка Германија но тоа не е доволно за да се прогласи за фашист.Ако така поедноставено го гледаме работите еден куп политички лидери и цели држави треба да се прогласат за фашисти.




Можеби тие што не читале историја незнаат дека според неговите мемоари иако неволно и Черчил имал политички контакти со фашистичка Германија во одредена фаза. Неговиот претходник Премиерот на Обединетото кралство – Чемберлен исто така политички комуницирал и на некој начин колку и тоа да било изнудено соработувал со Германија во време на Хитлер, обидувајки се да избегне непријатна ситуација и директна конфронтација за што бил критикуван од Черчил.
Сталин и СССР и во порана фаза но и до нападот на Германија на СССР и те како политички комуницира и соработува со фашистичка Германија и потпишуваат сојузнички и други договори. Познат е пактот потпишан од министрите за надворешни работи и наречен по нивните презимиња “Молотов-Рибентроп” како договор за не напаѓање. Тоа е неспоредливо со активностите на Ванчо Михајлов. И тие не можат да е наречат фашисти секако. Тоа што водачите на државите, политичарите и сл. комуницирале, потпишувале политички документи, политички соработувале со фашистичка Германија не значи дека тие биле фашисти.




Англискиот премиер Чекберлен на пример е најпознат по неговата надворешна политика на смирување, а особено по неговото потпишување на Минхенскиот договор на 30 септември 1938 година, отстапувајќи го германското говорно подрачје Судетски регион Чехословачка на нацистичка Германија предводена од Адолф Хитлер.
Американците чии научници ги довеле да работат кај нив во САД?




Има илјадници примери како западот политички комуницирал и соработувал со Хитлер и Мусолини заради некои нивни цели и интереси, но никој таму не зборува дека нивните водачи биле фашисти, затоа што не и биле.
Сите соседи на поранешна Југославија во даден период беа фашистички сојузници и никој ни порано ни денес не ги става на столбот на срамот затоа што нивните тогашни режими соработувале со фашистите. Бугарија ја прозиваме бидејќи бара промена на нашиот идентитет, инаку и тоа не би било тема. Се чини дека власта “трча” да бара фашисти во Македонија, таму каде ги нема и сакаат да се прават “поголеми католици од Папата”.




Ванчо Михаилов може да биде се, но не може да биде фашист! Ова што власта го прави е намерна замена на тезите! Власта сака навидум решавајќи еден проблем да си реши свој проблем за да остане на власт.
Преку прогласувањето на В. Михајлов за фашист, тие сакаат историската ВМРО да ја прогласат за фашистичка организација, бидејќи несомнено Ванчо Михајов е нејзин водач цели 10 години или една четвртина од нејзиното 41 годишно постоење под неколку имиња.
А ако историското ВМРО се прогласи за фашистичко, тогаш тезата ќе биде дека и нивните декларирани идеолошки наследници а тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да се прогласи дека има име на фашистичка организација која или ќе треба да го смени името или да се укине.




Но, забораваат дека нивниот проблем не е ВМРО-ДПМНЕ, туку самите тие. Нивниот криминал, предавства на националните интереси, неработење, лажење на народот, неспособност, нефункционални институции итн. Затоа народот не ги сака и затоа велам дека оваа глупост што ја прават со намерата за прогласувањето на Ванчо Михајлов за фашист да дојдат до името на ВМРО-ДПМНЕ е тешка глупост.
Бидејќи сега имаме држава… подобро е на народот да му објаснат зошто Заев и СДСМ потпишаа капитулантски договори со Грција и Бугарија а нивните наследници ги бранат?
Зошто Макеоднија според сите меѓународни листи за проценка на корупцијата е двојно покорумпирана од пред десетина години на пример.




Или зошто со држењето на судството и обвинителството под партиска контрола тие го доведоа на доверба кај народот од 3-4% ?
Зошто нема нови директни странски инвестиција во Македонија одкако се на власт? Зошто ислувањето е зголемено за три до четири пати одкако ја превземаа власта? Зошто се што ветија излажаа? Зошто вршат масовен политички прогон врз неистомислениците ?
Па не е тоа сега темата, сега Ванчо Михаилов нив ги засега… сакаат да бегаат од одговорност и со недемократски методи да останат на власт.
Ако треба да се промени името на здружението имам многу други начини да се направи тоа, наместо ваква не интелегентна акција.




За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ преку разни форми и активности се изврши рехабилитација на Тодор Александров и на речиси целата десница на историското ВМРО. Ликот на Ванчо Михајлов се остави за натамошни проучувања и истражувања на следните генерации во смисла на неговата улога во македонската национална борба. Но, во никој случај не сме помислиле заради некои политички цели да го прогласуваме за фашист, а со тоа и Македонците да ги вброиме во фашистичка нација. Ванчо Михајлов како да да го доживуваме и отценуваме е значајна историска личност и е дел од македонската историја.




Тој цели десет години е водач на движење кое се бори за ослободување на Македонија во кои животите го подложуваат многу синови на Македонија. И ќе завршам со тоа дека сите тие се синови на Македонија. Но, како и во едно повеќедетно семејство, не секој син, секое дете е исто. Со некое дете сме повеќе горди, со други помалку или воопшто, итн. Но, дури и оние од кои во некое време и околности не сме целосно задоволни, неможеме да ги избришиме дека постоеле и делувале, особено не заради некои нивни чуства или делувања кои 100 години подоцна не ни се допаѓаат. И особено не од онаа група која се формирала во Министерството за правда која никој не ја ни знае а ќе носи крупни одлики за крупни историски личности, заради дневно-политички потреби.

