Четиво за убав викенд

Ме прашуваат како е да се дружам со лице што има аутизам?
Викам мене ми е многу едноставно. Е како кога нели тие се во свој свет, не зборуваат или викаат, не те гледаат, тешки се за разбирање? Е сега накратко ќе ви опишам како е тоа.

Кога сме заедно јас не гледам некој што не зборува, некој што му е тешко да ме погледне во очи. Јас не гледам некој што има повторувачки движења, не гледам некој што знае да биде гласен и во театар. Не гледам не може ова туку може она. Не гледам некој што не знае како да се вклопи во средината.

Јас гледам некој кој и со молчење нас не’ повикува, некој кој на свој оригинален јазик сака да комуницира со другите.

Јас гледам лице кое има прекрасна душа, гледам некој кој сака да биде во нечие друштво, некој кој сака да го поканат надвор да игра со топка, некој кој многу сака да дувне свеќи како и сите други. Гледам некој кој секој момент го очекува нашиот повик, нашата подадена рака.Јас гледам некој кој не прави разлика ни по боја ни по раса ни по било кој друг основ.

Гледам некој кој гледа со срцето и искрено, некој кој го очекува истото од другите. Поточно мисли и верува дека сите луѓе се добри. Јас гледам некој кој гледа со очи полни љубов, кој има толку многу љубов за секого и сака да ја сподели истата која никогаш не може да ја потроши.

Гледам некој кој сака да го викнат на роденден но и да му дојдат на роденден, заедно да дуваат свеќи.

Гледам некој кој на Школка игра, црта, пее, се радува и се смее.

Прегрнува. Можеби мојата леснотија во дружењето не е само заради мојата самотија од еден период од животот туку и препознавањето во многу од тие нивни карактеристики кои сепак не се само нивни, туку заеднички. И јас сакам да имам средено биро. И јас понекогаш си зборувам на некој свој јазик, сакам со слушалки да седам, но и јас сакам прошетки низ град, сакам помфрит и пица.

Сакаме исти работи. Ако сакаме исти или слични нешта дали тоа значи дека сите имаме по малку аутизам? А тоа значи дека аутизмот и не е така страшен како што многумина мислат, да, необичен, мистериозен, но дружељубив.

Секогаш препорачувам да ги запознаете моите другари кои се на некој аутистичен спектар. Ќе запознаете добрина во вистинска смисла, ќе запознаете искреност, чесност, насмевки, прегратки. Ќе запознаете деца, момци и девојки кои ќе ви пренесат таква убава енергија што ќе сакате секој ден да ги гледате. Ќе ве заразат со Гуш и Бац. Ќе ја запознаете најубавата работа на светот. Љубовта.

Запознавајте, прифаќајте, почитувајте. Сакајте. Како е да се дружам со лице што има аутизам? Едноставно, тоа е гуш и бац дружење. Можам пак да го напишам истото, не ми е мака воопшто. И пак. И пак и пак.

error: Content is protected !!