Во мирна атмосфера без притисоци од жителите екипите на ЕВН почнаа со модернизација на мрежата во Слупчане. На терен работници копаат канали за новата електричната мрежа и поставуваат нови ормани за приклучок.

Жителите на Слупчане постигнаа договор со ЕВН, мрежата целосно да се реконструира, да се постават бандери за новите куќи, а во меѓувреме должниците да ги подмират сметките.

Според Шаини, проблемите во изминатиот период кои настанале поради недоразбирање со компанијата сега се надминати. Во изминатиот период поради тензиите имало и нелогични барања од жителите да се плаќа фиксна сума за сметките за струја, за што тој вели дека законите кои важат за сите граѓани без исклучок ќе се применуваат и во нивното село.

Од ЕВН не прецизираат колку нови приклучоци ќе има во селото. Оттаму велат почнато е со реализација и се работи на реконструкција и модернизација на мрежата. Не открија прецизно каков договор е постигнат со жителите на Слупчане, тврдат дека се постапува како и за сите други корисници.

Екипите на Електродистрибуција денес започнаа со работа во селото Слупчане. Законите кои важат за сите корисници во државата, ќе продолжат да важат и понатака.

– Претходно од компанијата информираа дека во селото Слупчане, ЕВН трпи најголеми загуби бидејќи само 20 отсто од корисниците редовно плаќале сметки за струја. Во неколку наврати поради дивите приклучоци во Слупчане, околните села остануваа без струја. ЕВН доби гаранции од градоначалникот на Општина Липково и министерот за економија дека нема да бидат нападнати од жителите кога ќе почнат со реконструкција на мрежата. /Сител