Експертите го истражуваат случајот со повлекување на Мраморното Море за цели 25 метри. Опсерваторијата Кандили во Турција објасни дека таквата силна плима не е поврзана со земјотреси, туку со метеоролошки настан.

Во деновите по разорните земјотреси кои ги погодија Турција и Сирија се забележани бројни природни феномени, меѓу кои е глетката на маслинка од која е создаден кањон длабок 50 метри. Освен тоа, експертите сега го истражуваат случајот со повлекувањето на Мраморното Море за цели 25 метри. Опсерваторијата Кандили во Турција објасни дека таквата силна плима не е поврзана со земјотреси, туку со метеоролошки настан.

Слично објаснување било дадено и на Техничкиот универзитет во Истанбул, пренесува N1 БиХ.

„Поради центарот со висок притисок кој се наоѓа на запад од Турција, ветерот веќе подолго време дува од север кон југ над Истанбул кон Мраморното Море. Според податоците на Главниот институт за метеорологија, интензитетот на овој ветер е 20 километри на час.

Овој ветер постојано ја носи површинската морска вода на брегот на Мраморното Море на европската страна на Истанбул кон југ. Поради ова, нивото на водата се намалува и се повлекува на северниот брег на Мраморното Море во правец на Авчилар, додека нивото се зголемува на јужниот брег на Мраморното Море“, наведуваат оттаму.

Иако овој настан не е поврзан со земјотреси, експертите неодамна објавија дека земјотресите предизвикале поместување на почвата на Анадолија за цели три метри.