Гостувајќи на телевизија ТВ Прва, професорот детално објасни зошто појадокот не смее да биде базиран на шеќери.

Во време кога здравата исхрана често се поврзува со овошни смутија, цедени сокови и житарки, стручњаците сѐ почесто предупредуваат дека она што го сметаме за „здраво“ всушност може да има спротивен ефект.

Според Дејан Чубрило, специјалист по спортска медицина и професор по медицинска физиологија, најголемата грешка што ја правиме е внесување шеќер веднаш по будење.

Цедени сокови – „здрав“ почеток што води во проблем

Професорот истакнува дека секој облик на шеќер, без разлика на потеклото, предизвикува нагло покачување на гликозата во крвта, што долгорочно може да доведе до здравствени проблеми.

– Сѐ е тоа шеќер и секој негов скок е чекор кон болест. Постојат и скриени шеќери, каде ни не знаеме дека ги има во некои намирници. Имате луѓе што наутро пијат цеден сок од портокал. Тоа е „здраво“ само како влез во болест. Тоа е гликоза, но сѐ е шеќер. Исто е како да сте испиле кока-кола – објаснува тој.

Со други зборови, дури и природните извори на гликоза, како овошје, овесни снегулки или киноа, според него можат да предизвикаат сличен метаболички одговор како индустриски засладените пијалаци.

Правило „две лажици“ – мерка како клуч за рамнотежа

Еден од основните принципи е т.н. правило „две лажици“. Тоа значи разновидност во оброкот, но со строго ограничени количини од секоја намирница.

– Може да направите одличен оброк, на пример јајца и со нив една супена лажица киноа. Но не може да комбинирате јајца, киноа, кисело млеко и авокадо заедно – појаснува тој.

Суштината е во контролата на комбинациите и количините, бидејќи обилните оброци со повеќе извори на јаглехидрати дополнително го оптоваруваат организмот.

Шеќер, инсулин и хроничен замор

Според него, вишокот шеќер не влијае само на телесната тежина, туку ги забрзува процесите на стареење и ја нарушува продукцијата на енергија во организмот.

– Ние сме уморни. Чувството кога наутро ќе испиеме сок или ќе изедеме овошје е краткотрајно зголемување на „хормонот на задоволство“, но потоа следи пад на енергијата. Високиот скок на инсулин создава затворен круг и води кон воспалителни процеси – вели тој.

Како што нагласува, дури и здрави намирници како ориз, киноа, амарант или просо не треба да се консумираат во количина поголема од две супени лажици по оброк.

Како треба да изгледа појадокот?

Препораката е денот да започне без шеќери, а подоцна умерено да се внесуваат слатки, како темно чоколадо или овошје.

– Јас за појадок јадам рака бадеми, па после малку време ред темно чоколадо – вели тој.

Фокусот треба да биде на масти и протеини во утринските часови, додека јаглехидратите да се внесуваат подоцна во денот.

Кои намирници најлесно се варат?

Кога станува збор за протеини, рибата е добра опција, но не треба да се преценува бидејќи може да биде потешка за варење. Како најдобар избор ги издвојува пилешкото и мисиркиното месо.

– Сирењата се тешки за варење, особено младите поради лактозата. Мешунките исто така треба да се дозираат. Од житарките, мој фаворит е просото – тоа е „чистач“ за цревата и организмот, но мора да се консумира умерено – објаснува докторот.

Умереност пред сѐ

Заклучокот на професорот е едноставен: контрола на шеќерот, внимателно комбинирање на намирниците и строго дозирање на порциите. Без разлика колку некоја храна се смета за здрава, организмот реагира на нејзиниот хемиски состав, а не на нејзината репутација.

Затоа, секој залак претставува биохемиски процес што има последици – дали ќе донесе енергија и виталност или замор и воспаление.