Денес, на 58 години, Надим Баџва е сопственик на империја за брза храна. Тој е еден од најголемите франшизери на ланецот Papa John’s во Северна Америка, со повеќе од 270 ресторани низ САД.
Баџва се преселил во Америка во 1991 година од Пакистан. Додека студирал, работел различни работи за да си го плати школувањето – меѓу нив и достава на пици во Papa John’s, каде заработувал само 4,25 долари на час.
„Никогаш не сонував ваков раст. Само работев најдобро што можев, учев од грешките и сè дојде само од себе. А сè започна од достава на пица. Можете ли да верувате?“ – изјавил Баџва за CNBC MakeIt.
Во јули 2002 година, со помош на семејството и кредит, Надим Баџва го отвори својот прв Papa John’s ресторан во Охајо. Купи половна опрема и најголемиот дел од работите ги изведе сам, за да ги намали трошоците. Вкупната инвестиција изнесувала околу 150.000 долари.
На самиот почеток направил грешка што подоцна му станала важна лекција. Во желбата да направи што поголемо отворање, потрошил премногу на маркетинг, па првиот ден дошле толку многу гости што половина од вработените не можеле да издржат притисок и ја напуштиле работата. Тогаш сфатил колку е важна обуката и подготовката пред да се отворат вратите на ресторанот.
Првите шест месеци бизнисот одел одлично, па Баџва се забрзал и отворил уште неколку локации. Но растот бил пребрз, и набрзо се соочил со проблеми затоа што немал доволно добри луѓе околу себе. Особено тешко било во 2008 година за време на економската криза. Сепак, тој вели дека е благодарен за тие неуспеси, бидејќи го научиле на клучни лекции.
„Мора да бидете скромни, затоа што оној ден кога ќе помислите дека знаете сè – тогаш започнува вашиот пад,“ истакнува Баџва.
Царство што расте
Денес, повеќе од две децении по отворањето на првата продавница, Баџва планира нова експанзија. Неговата компанија Bajco Group во 2024 година потпиша договор со Papa John’s International за отворање уште 50 ресторани до 2028 година. Целта му е да стигне до вкупно 500 локации.
Освен рестораните, изгради и дополнителни бизниси – од кол-центар и градежна фирма, до книговодство и технолошки сектор – кои денес функционираат како самостојни компании и нудат услуги и надвор од брендот Papa John’s.
