„Ем лажго – ем плачко“, кусо искоментира министерката за одбрана Радмила Шекеринска по изјавата на полковник Драган Ковачки дека ќе поднесе тужба поради казната 30 посто пониска плата по пораката што тој ја упати до началникот на Генералштабот дека е „долга раката на ВМРО“. „Дали постои некаде војска во која потчинет на претпоставен му се заканува и му наметнува лични ставови, уцени, закани, омаловажувања”, рече началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, кој му порача на полковникот дека треба да е благодарен за благата казна.

„Да реагирав на твитер ке речев “ем лажго – ем плачко’. Тажно е кога еден офицер упатува закани, а особено против началник на Генералштаб. Срамно е и на пониско ниво, а особено кога против еден генерал ќе напишеш ‘долга е раката на ВМРО’. Не оди заедно и партиската и воената униформа. Полковникот покажува непознавање на законите. Во многу држави кога еден офицер партиски му се заканува на началник- генерал, тоа поминува со отказ. Можев да го одобрам и тоа и губење на чинот. Тој не доби отказ, јас сметав дека треба да му се даде последна опомена. А сега, кога е казнет од плата, тој плаче. Тоа е несоодветно за еден офицер“, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на настанот по повод реновирање на објекти во скопската касарна „Илинден“.

На случајот со Ковачки се осврна и началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски.

„Се работи за непримерен, недостоинствен и несоодветен настан на потчитен кон претпоставен. Инаку, јас сум горд што предводам институција, Армија на Република Северна Македонија, која има највисок рејтинг во општеството и во нашата армија постојат принципи ред, работа и поредок, хиерархија, субординација, старешинство. Ја користам оваа прилика, кои и да се тие што го поддржуваат и оправдуваат настанот, да поразговараат со повозрасни лица кои биле во изминативе три декади припадници на Армијата, дали некаде постои потчинет на претпоставен да се заканува и да наметнува лични ставови, уцени, закани, омаловажувања“, изјави началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски.

Тој додаде дека Ковачки треба да е благодарен што и понатаму останува да работи, а секој треба да се препознае и да се најде во системот каде што функционираат јасни и конкретни принципи и нема да дозволи армијата да биде вклучена во партиски настани.

Полковникот Драган Ковачки, кој е и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека ќе ја тужи министерката за одбрана Радмила Шекеринска, откако беше казнет со 30 посто од плата во период од 6 месеци, поради, како што соопштија од Министерството за одбрана, навреда кон колега.