Во момент кога студената вода и паниката можат да бидат кобни, храброста и присебноста на едно младо момче направија разлика меѓу живот и смрт. Даниел Раевски, млад спасувач од Бутел, за време на централната манифестација по повод Богојавление – Водици, без размислување влезе во Вардар и учествуваше во спасување на човечки живот.
Неговата реакција била брза, прецизна и решителна – токму она што се очекува од човек со карактер, дисциплина и чувство за одговорност. Даниел е волонтер и спасувач во Црвениот крст, а со години е активен во спортот – пораснат во Таеквондо клуб Бутел, а денес дел од Џудо клуб Радишани.
Храброста што ја покажа не е случајна. Таа е резултат на воспитување, спортска дисциплина и вредности што се градат со години.
За неговиот подвиг јавно се огласи и градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, кој истакна дека „има нешто во тоа што е од Бутел, нешто во спортот, но најмногу во тоа што Даниел е храбро, чесно и добро момче“.
И додека јавноста го поздравува овој чин на вистинска хуманост, сè погласни се и ставовите дека вакви примери заслужуваат и конкретно институционално признание, а не само пофалби.
Едно е сигурно – Даниел Раевски покажа дека хероите не носат униформи, туку срце.
