Судијата од Апелациониот суд Скопје, Ѓоко Ристов, во прелиминарна изјава пред судија на претходна постапка тврдел дека 350.000 евра во готовина, пронајдени закопани во ѕид во куќа во Неготино, потекнуваат од земјоделска дејност – одгледување и продажба на грозје.

Ова беше соопштено на денешниот брифинг во Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде обвинителката Искра Хаџи Василева одговори на новинарски прашања поврзани со случајот.

„Ќе видиме дали ќе достави документација со која ќе докаже дека грозјето му било плаќано во банкноти од по 500 евра“, изјави обвинителката, додавајќи дека станува збор за најобемна истрага за корупција во судството досега.

Обвинителството засега не може со сигурност да каже дали парите потекнуваат од конкретни судски предмети што ги водел Ристов, но посочи дека се работи со повеќе сведоци и докази.

Истрагата траела девет месеци

Според обвинителката, истрагата започнала по повеќе пријави за влијание и корупција во Апелациониот суд Скопје. Во текот на девет месеци се собирале искази, материјални докази и телефонски комуникации, при што бил составен поширок „мозаик“ на наводни незаконски дејствија.

Клучен момент во истрагата бил предметот „Синџир“, поврзан со Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој, според обвинителството, неосновано бил пуштен во куќен притвор.

Повеќе сведоци, не само Фехми Стафа, сведочеле дека наводно давале пари на судијата Ристов за влијание врз судски одлуки. Сите сведоци биле детално проверени.

Парите откриени зад ѕид со различна фуга

При претреси на повеќе локации, парите првично не биле пронајдени. Но во куќата на родителите на Ристов во Неготино, истражителите забележале понов цемент, различна фуга и оштетени плочки.

„Со мало кршење се отвори дупка и почнаа да паѓаат пари, доминантно банкноти од 500 евра“, изјави обвинителката.

Обвинителството потврди дека постои сомнеж и за друг непријавен имот, како и за кривично дело перење пари – во делот што се однесува на „криење пари“, што, според Кривичниот законик, исто така претставува кривично дело.

Истрагата продолжува, а засега не се открива дали ќе бидат опфатени и други судии.