Сме станале општество со хистерични реакции за се и сешто. Ова го истакна првиот вицепремиер Артан Груби во телевизиско гостување на 24 Телевизија по објавувањето на фотографиите на кои тој заедно со пет министри играат фудбал во неговиот кабинет во Владата .

Тој вели дека нема ништо спорно во играњето фудбал во канцеларијата, и посочуваше дека идејата било да покажат дека се одличен тим, дека се сложни заедно, дека се млади и полетни и желни за резултати. Воедно Груби истакна дека со овие фотографии сакале да покажат дека само што започнале со работа.

– Не гледам ништо неморално, коментарите не се долични. Едноставно шутиравме, си игравме фудбал пет минути и баскет, толку, ништо посебно. Сме станале општество на хистерични реакции за се и сешто – реагира првиот вицепремиер Артан Груби во врска со фотографиите и видеото кои ги објави попладнево, како со уште пет министри од партијата играат фудбал и кошарка во неговиот кабинет во Владата.

– Не беше во работно време, но и да беше. Напорен беше денот, предизвикувачки. Со Нуредини се сретнавме на кафе првпат откако се повлече од функцијата. Во мојата канцеларија има фудбал, голче, кош, баскет, топка за ракомет,… Не гледам ништо неморално и неетички, едноставно шутираваме, си игравме малку фудбал, пет минути, и баскет. Зошто да не играме внатре? На мало голче игравме фудбал, во тоа не гледаме ништо спорно – објасни Груби во вечерашното гостување на 24 Телевизија.

Тој вели дека во сегашната опозиција нема некој кој е доволно фраер за да игра фудбал.

Груби попладнево објави статус на Фејсбук, покажувајќи како со своите петмина колеги – министри од ДУИ играат со топка во неговиот владин кабинет. Кабинетот е опремен со сите реквизити за релаксација/Faktor