„Тенкот е до мене… доаѓа кон мене… многу е блиску. Дојдете… те молам, спаси ме! Сите се мртви“.
dobivaj vesti na viber
Овие потресни зборови ги кажува шестгодишното девојче Хинд Раџаб, кое исчезна во Газа на 29 јануари по нападот на нејзиниот семеен автомобил, во кој беа убиени нејзините роднини. Во застрашувачка аудиоснимка девојчето очајно повикува на помош откако останало заробено во автомобил со безживотните тела на шест члена на семејството.
Мајката на шестгодишното девојче, кое сѐ уште се води за исчезнато во центарот на Газа, со денови стои пред болницата со надеж дека ќерка ѝ ќе пристигне „во секој момент“, пишува Би-би-си.
Се верува дека Хинд е единствената преживеана од седумте патници во автомобилот, кој бил дел од конвојот врз кој бил отворен оган. Нејзината судбина сè уште не е позната, како и судбината на двајцата палестински работници на Црвената полумесечина, кои тргнале да ја спасат, а со кои е изгубен секаков контакт.
Вујко ѝ по мајка, Басар Хамада, неговата сопруга Анам и нивните четири деца беа убиени откако нивното црно „киа пиканто“ беше под израелски оган на 29 јануари. За време на телефонскиот повик до палестинската Црвена полумесечина (PRCS), чија снимка беше објавена, таа објасни дека нејзиното семејство било убиено.
„Ви велам дека се мртви“, рекла Хинд, како што пренесува „Дејли мејл“, а подоцна додала: „Тенкот е до мене… доаѓа кон мене… многу, многу блиску е“.
„Хинд постојано нѐ молеше да дојдеме да ја земеме, да испратиме некој да ја земе. Таа рече дека се стемнува“, изјави Рана ал-Фагех, работничка на Црвената полумесечина, која последен пат била во контакт со девојчето.
Рана сѐ уште е многу потресена од овој настан и рече дека екипата на итната спасувачка служба „се почувствувала парализирана“.
„Ѝ кажав дека ако падне ноќ и уште не можеме да испратиме тим, таа треба да се обиде да ги затвори очите и да се преправа дека играме криенка. Ѝ реков да ги затвори очите и да почне да брои“, вели Рана и додава дека за време на повикот слушнала истрели во заднина.
Иако Црвената полумесечина одлучи дека е доволно безбедно да испрати брза помош четири часа по повикот, тие набргу изгубија контакт со Хинд и немаа контакт со спасувачите.
Првата што зборуваше со Црвената полумесечина беше 15-годишната роднина на Хинд, Лајан Хамаде, која беше заробена во истото возило во близина на бензинска пумпа во градот Газа додека израелските тенкови и војници се приближуваа.
„Тие пукаат во нас. Тенкот е до мене“, се слуша како вели Лајан на друга аудиоснимка објавена од Црвената полумесечина, проследена со вресоци и звук од пукотници.
Во тој напад загинаа Лајан и уште пет члена на семејството, соопшти Црвената полумесечина. Единствената преживеана, Хинд, останала на линијата разговарајќи со Рана и со психологот три часа, кои се обиделе да ја смират додека се подготвувале да испратат брза помош.
„Рече дека сите околу неа се мртви или спиеле, била крајно исплашена, ме молеше да не ја прекинувам врската. Рече дека се плаши од темнината“, вели потресена Рана, но линијата неповратно се изгубила по неколку часа.
Диспечерите во еден момент успеале да го пренесат телефонскиот повик на Хинд на мајка ѝ, која се криела на друго место во Газа. Мајка ѝ изјавила за „Ал џезира“ дека една од последните работи што ѝ ги кажала Хинд е: „Ми недостигаш, мамо. Не оставај ме. Гладна сум. Повредена сум“.
Таа со денови чека пред болницата во Газа надевајќи се дека брзата помош ќе ѝ го донесе детето, но секој ден тие надежи се намалуваат.
Израелската војска соопшти дека не знаела за инцидентот.
