Не ми беше план да станам гуру за родителство, но изгледа дека нешто сепак добро направивме минатиот викенд

Во петокот решив дека е време саботата да стане семеен ден за печење пиперки.

Не, немав никаков посебен план да ги учам децата на животни вештини. Барем не оној сериозен, родителски план кој звучи како претходната вечер да сум читала прирачник за воспитување.

Идејата сама се наметна, повеќе како жалба до самата себе: „Леле, треба да испечам пиперки за зимата“. Кога размислив како да го направам тоа и како таа активност да ја вклопам меѓу милион други обврски што ме чекаа за викендот, сфатив дека морам да ги вклучам и децата.

Така решив да завршам уште две важни работи што ме чекаа во текот на петте работни дена:

  • да поминам цел ден со децата,
  • да поминам квалитетно време надвор со децата.

Идејата всушност беше многу едноставна – децата ќе ми помогнат да испечам пиперки. Ни на крај памет не ми беше дека на овој начин ќе научат и, се надевам, повеќе ќе ги ценат пиперките во замрзнувачот.

Се покажа дека сосема случајно сме создале некоја наша верзија на Монтесори методот.

Децата го правеа она што им го кажав. Запалија оган, носеа, миеја, вртеа, редеа, а подоцна и лупеа пиперки. Работеа со рацете, ја користеа грубата моторика, цел ден беа надвор, на сонце и – што денес е речиси револуционерна работа – беа без телефони.

Телефонот беше строго забранет.

Резултатот е што имам само една фотографија од целиот настан. На неа се пиперките што се печат на ќумбе. Фотографијата ја направи мојот сопруг, а потоа сите заедно извикавме телефонот веднаш да се остави дома.

И така настана можеби најубавиот дел од денот: децата не го фотографираа она што го правеа. Тие работеа.

До крајот на денот имавме 15 килограми испечени, излупени и спакувани пиперки во замрзнувачот.

Но, се покажа дека пиперките биле само бонус.

Мојот син првпат во животот изеде три црвени пиперки – свежо печени. Не во јадење, не скриени во сос, туку директно од гајбата, откако самиот ги изми и гледаше како се печат.

А потоа се случи нешто што ниту еден план за воспитување не може да го предвиди.

Мојата тинејџерка, додека работевме заедно, почна да зборува.

И зборуваше.

За работи кои веројатно никогаш немаше да ми ги каже доколку седнев спроти неа со сериозен родителски израз на лицето и ја прашав: „Ајде, кажи ми што те мачи.“

Не кажа ништо затоа што сме имале „разговор“.

Кажуваше затоа што заедно правевме нешто сосема обично.

И тогаш сфатив дека можеби најголемата вредност на овој ден сепак не е 15-те килограми пиперки кои сега ја чекаат зимата.

Не е дури ни во тоа што децата научија како се пали оган, како се мие пиперка или како изгледа една работа од почеток до крај (иако и тоа беше огромен бонус).

Највредно беше тоа што неколку часа бевме заедно, без екрани, без брзање и без прашањето: „Кога ќе си одиме дома?“

Децата научија дека до некои работи се доаѓа со работа.

Јас научив дека понекогаш треба само да им се даде простор на децата сами да работат.

А сите заедно научивме дека со 15 килограми пиперки, малку чад и едно ќумбе може да се добие многу повеќе од зимница.

Може да се добие семеен ден кој се памети.