Животот со сопруг кој е 10 години постар ѝ донел неочекувани промени: Саманта Брик открива како поради љубовта престанала да пие
Саманта Брик со децении не можела да замисли дружење, прослава или летно попладне без чаша вино. Никогаш не се сметала за личност која има проблем со алкохолот, ниту пак пијалакот ѝ го уништил бракот, работата или здравјето.
Но, кога здравствената состојба на нејзиниот 65-годишен сопруг Паскал сериозно се влошила, сфатила дека повеќе не може да си дозволи ниту една чаша вино.
Од сопруга речиси преку ноќ станала и негова негувателка.
Денес, по три и пол години без алкохол, таа отворено зборува за животот со сопруг кој е десет години постар од неа и за тоа како болеста на саканата личност може целосно да ви го промени животот.
„Знаев дека морам да престанам да пијам“
Саманта последната чаша вино ја испила во април 2023 година, кога имала 52 години.
„Не доживеав никаква драматична здравствена криза која би ме натерала да престанам да пијам. Од својата 18-та година имав прилично едноставен однос со алкохолот. Не губев работа, не раскинував врски и не се будев без да се сеќавам како сум стигнала дома“, раскажува таа.
Но, здравјето на Паскал почнало сериозно да се влошува. Му биле дијагностицирани срцево заболување, дијабетес, периферна невропатија, артритис и проблеми со варењето.
„Иако двајцата не го сакаме тој збор, јас практично станав негова негувателка.“
Тогаш сфатила дека мора да биде целосно трезна за да може да реагира во секоја ситуација.
„Едноставно не би можела да си простам ако една или две чаши вино ме спречат брзо да го однесам на лекар или правилно да се грижам за него.“
Од вино и дружења до живот без алкохол
Саманта се преселила во Франција во 2007 година, а таму виното станало дел од нејзиното секојдневие.
Паскал го запознала во едно селско бистро, а нивното прво додворување било проследено со чаши розе и кир.
Во 2019 година првпат решила да проба живот без алкохол. Нејзиниот „сув јануари“ се претворил во три месеци, а потоа во речиси седум.
Резултатите ја изненадиле.
Имала повеќе енергија, подобро спиела и почесто вежбала.
Сепак, подоцна повторно почнала да пие. Виното станало дел од начинот на кој луѓето ја доживувале.
„Кога ќе отидев кај некого, речиси секогаш ќе ми наточеа чаша вино, без воопшто да ме прашаат.“
Но, потоа здравјето на Паскал се влошило.
„Одеднаш сфатив дека целата одговорност на крајот паѓа врз мене. Ќе треба да носам медицински одлуки, да се грижам за неговите лекови и терапија и да бидам подготвена да седнам зад воланот во кое било време од денот или ноќта.“
На 1 април 2023 година донела одлука засекогаш да престане да пие.
Животот на Паскал целосно се променил
Сè почнало да се менува во јануари 2021 година. Рутинската операција на коленото се претворила во кошмар кога Паскал, по излегувањето од болница, се срушил и ја изгубил свеста.
Подоцна му биле дијагностицирани повеќе сериозни заболувања, меѓу кои дијабетес тип 2, неправилен срцев ритам, срцева слабост, отоци и периферна невропатија.
„Паскал имаше само 60 години и очекував по неколку месеци физикална терапија да се врати во нормален живот. Наместо тоа, од една здравствена криза влегуваше во друга.“
Во април 2023 година поминал еден месец во болница поради состојба опасна по живот. Речиси два месеца неговата состојба била толку критична што Саманта не знаела дали ќе го дочека следното утро.
Кога се вратил дома, едвај можел да стане од кревет.
„Морав физички да го подигам за да може да оди до тоалет. Во тие страшни месеци, исполнети со непроспиени ноќи, заборавив на сè друго. Постoеше само тој.“
Денес Паскал зема 22 различни таблети дневно, а Саманта се грижи секој лек да биде земен навреме и правилно.
„Речиси цела моја педесетта година помина вака“
Саманта денес има 55 години и признава дека никогаш не замислувала дека животот во педесеттите ќе ѝ изгледа вака.
„Речиси целата моја педесетта година ја поминав вака – седум дена во неделата, 52 недели годишно.“
Таа се грижи за Паскал, но истовремено се обидува да го зачува и својот живот. Секојдневно ги шета нивните две кучиња, вежба јога, медитира и се храни здраво.
„Имаме две големи кучиња кои ги шетам најмалку два часа дневно. Тие прошетки ми даваат многу потребни моменти на осаменост.“
Некои нејзини пријателки ја критикувале затоа што сметаат дека поради сопругот го ставила својот живот на пауза.
Но, Саманта вели дека едноставно нема кој друг да се грижи за него.
„Понекогаш излегувам со кучињата и добро се исплачувам“
Грижата за сакан човек, вели таа, носи огромен физички и емоционален товар.
„Сочувствувам со секој кој истовремено мора да биде сопружник и негувател и кој понекогаш ќе помисли: ‘Доста ми е од сè’.“
Понекогаш, додека ги шета кучињата, Саманта едноставно плаче.
Но, малите нешта денес ѝ значат многу – пријател кој ќе донесе ручек, сестра која ќе помогне во домот или мајка која ќе дојде да ѝ даде поддршка.
„Грижата за Паскал неизбежно го промени и мојот поглед кон светот. Повеќе немам трпение за ситници и научив јасно да одредам што и кој навистина заслужува место во нашиот живот.“
„Не чувствувам дека сум се откажала од нешто. Чувствувам мир“
Денес нејзините вечери се многу помирни. Наместо вино, чита книги. Легнува околу 21:30 часот и станува во пет часот наутро.
Пред да се раздени, излегува надвор и ги гледа ѕвездите.
Здравјето на Паскал моментално е стабилно, но таа знае дека тоа може да се промени во секој момент.
„Живееме ден за ден. Ако сум му потребна кога ќе се раздени, подготвена сум. Ако не сум, тие тивки утрински часови се мои.“
На нејзините стари фотографии и денес често се појавува со чаша вино во рака.
„Порано тие фотографии ме засрамуваа. Денес чувствувам нежност кон таа жена. Живеела полн живот, несвесна за предизвиците што ја очекуваат, и драго ми е што така живеела.“
Но, денес нејзиниот живот изгледа поинаку.
„Алкохолот кој тогаш го пиев денес би ме спречил да живеам полн живот – со мојот сопруг и за него. Откажувањето од алкохолот е чин на несебичност. Но, истовремено е и чин на љубов.“
Саманта и Паскал се во брак 18 години.
И покрај сите промени, таа вели дека не се кае.
„Да, имаше моменти кога морав да ја пригушам сопствената светлина за неговата да продолжи да свети. Дали се каам поради тоа? Ни една секунда.“
