Ако досега се враќаше 20 проценти од пресметаниот ДДВ за македонски производи, овој продолжен викенд ќе се враќа целосниот износ за овие производи во фискалните сметки.
За враќање на целиот износ на данокот, граѓаните ќе треба да ги скенираат фискалните сметки во рок од три дена по нивното издавање. Доколку ги скенираат по овој рок, враќањето на ДДВ за овие производи ќе продолжи како досега, односно ќе се враќа 20 посто од искажаното ДДВ во фискалната сметка, најави вршителот на должност директор на Управата за јавни приходи, Фарук Омери на денешната прес-конференција.
Вкупниот промет од македонски производи, услуги и компјутерска опрема, напомена тој, за кој ќе се враќа целосен износ на ДДВ е најмноги до 30.000 денари по лице, а за надминатиот износ на вкупниот промет ќе се пресметува според редовна пресметка, односно 20 проценти.
Сите граѓани кои се корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе можат да ја искористат мерката „викенд без ДДВ“
– Нашата држава има богат асортиман на домашни производи, почнувајќи од прехранбени продукти, текстил, облека, градежни материјали, мебел и друго. Знали лепезата на нашите македонски производи и услуги е широка, па граѓаните ќе можат овој викенд да ги направат потребните набавки. Денеска имаме 350.000 корисници на апликацијата „Мој ДДВ“. Подготвено го дочекуваме викендот, најави Омери.
