Професор д-р Никола Пановски, денешните предложени мерки од Комисијата за заразни болести ги коментира како мерки кои нема да имаат влијаниеи дека се потребни нови поригорозни мерки.

„Овие мерки немаат влијание, потребни беа поригорозни мерки. Од здравствен аспeкт сега сè е оставено на свеста на граѓаните, и од самите нив ќе зависи што ќе се случува за еден месец. Со ваквите мерки, постои можност заразата побрзо да се шири.

Затоа и карантинските мерки сега имаат улога, односно пред да дојдат вакцините, да се спасат што повеќе луѓе. Карантините немаа улога во април, но можат да имаат сега“, вели Пановски за „Mакфакс“.

Комисијата инаку денеска предложи од овој петок па до 21 јануари угостителските објекти да затвораат во 18 часот наместо во 21 часот, а хотелските ресторани во 21 часот. Апелираат да нема групирања по домовите, да нема прослави на работните места и да се забрани групирање на плоштадите за прослава на Новата година. Во сила останува забраната за собири на јавни места.

Реакциите за ваквите мерки се различни. Дел од граѓаните ги оправдуваат, дел сметаат дека не треба товарот да паѓа единствено врз угостителите, а дел, пак, сметаат дека е потребен карантин.