Запознајте ја Дурушехвар – една од најубавите султанки во историјата на Отоманското Царство, која и покрај неверството на сопругот, изгради моќ и углед, а во тоа ѝ помогнал и нејзиниот свекор.
Младата принцеза сонувала дека животот во Индија ќе ѝ донесе љубов и среќа и дека таа земја ќе стане нејзин вечен дом. Но судбината ѝ подготвила сосема поинаков пат. Наместо бајка, добила тежок брак, но од личната болка создала сила и влијание, а со своите храбри чекори значително ја подобрила положбата на жените.
Родена во раскош, протерана од татковината
Хајрије Ајше Дурушехвар е родена во 1914 година во Цариград (денешен Истанбул). Нејзиниот татко бил шејхзаде Абдулмеџид, син на османлиски султан, а мајка ѝ била Атие Кадин Ефендија, ќерка на абхазиски принц. Уште како дете било јасно дека ќе порасне во вистинска убавица.
Растела во луксузната палата Долмабахче и добила одлично домашно образование. Течно зборувала четири јазици.
Во 1924 година, по укинувањето на султанатот и создавањето на Република Турција, нејзиното семејство било протерано. Прво заминале во Швајцарија, а потоа во Франција, каде што се населиле во Ница.
Ја омажија на 17 години
За неа се интересирале шахот на Персија и египетскиот крал, но татко ѝ го избрал индискиот принц Азам Џах, наследник на Низамот од Хајдерабад – една од најбогатите кнежевини во Индија.
Таа имала само 17 години, а младоженецот 24. Никој не го прашал нејзиното мислење. Венчавката се одржала во 1931 година во Ница.
Свекорот, Асaф Џах VII, за двете снаи платил околу 50.000 фунти махр, што значително ја подобрило финансиската состојба на нејзиниот татко.
Несреќен брак и неверство
По доаѓањето во Индија, Дурушехвар добила титула принцеза од Берар и живеела во палатата Бела Виста. Родила два сина – Баркат Али и Карамaт Али.
Но бракот не ѝ донел среќа. Азам Џах водел раскалашен живот – пиел, се коцкал и имал бројни љубовници. Иако важела за една од најубавите жени во тоа време, не успеала да ја задржи неговата верност.
Наместо скандали, таа избрала достоинство.
Го менувала положајот на жените
Иако несреќна во приватниот живот, станала влијателна фигура во индиското општество. Брзо го научила урду, се вклопила во дворскиот живот и станала симбол на елеганција.
Се залагала за:
-
образование на жените
-
право на жените да работат
-
укинување на бурката и пурдата
Отворила болници, породилишта и училишта за девојчиња, финансирани од сопствени средства. Во 1937 година присуствувала на крунисувањето на кралот Џорџ VI.
Пишувала статии за француски списанија, цртала и сакала јавање и возење автомобили.
Свекорот ја поддржувал и ја истакнувал како пример за својот син.
Развод и тивка победа
По 23 години брак, во 1954 година поднела барање за развод и се вратила во Европа. Продолжила да ги поддржува женските организации што ги основала во Индија.
Во меѓувреме, нејзиниот сопруг продолжил со раскалашниот живот, па во 1964 година бил лишен од наследство. Наместо него, наследник станал нивниот син Баркат Али.
Азам починал во 1970 година. Дурушехвар го надживеала 36 години.
Живеела во Англија, редовно ги посетувала Турција и Индија и никогаш повторно не се омажила. Починала во 2006 година во Лондон, на 92-годишна возраст.
Во текот на целиот живот не била вмешана во ниту еден скандал. Со достоинство се справила со сите предизвици и останала запаметена како силна, образована и влијателна жена.
