Во Македонија нема да се укине забраната за влез на соседите без да приложат негативен тест не постар од 72 часа, со што ќе можат да влезат во државава.
Се зборуваше дека Комисијата за заразни болести викендов ќе заседава за да донесе одлука дали ќе биде укинат ПЦР тестот на граничните премини, меѓутоа, министерот за здравство, Венко Филипче за ТВ21 потврди дека за границите останува да важи истиот режим.
„Останува истиот режим и понатаму, да се бараат тестови. Епидемиолошката ситуација во земјите од регионот го налага тоа“, истакна Филипче.
Ако некогаш имаше долги колони, денеска беше забележан мал проток на возила на ГП „Блаце“ и „Табановце“.
И државјаните на РСМ не можат да патуваат во соседните земји, освен во Албанија. За влез во Косово и Србија потребен е ПЦР тест, а што се однесува до јужниот сосед пак, Грција неколкупати го одложи рокот за отворање на граничните премини со нашата земја. Наши граѓани не можат да одат ниту во Бугарија.
Инаку, Северна Македонија ги отвори границите со соседните земји на 25 јуни, а ги затвори по само две недели, односно на 8 јули.
