Роберт Милески, познат македонски бизнисмен во Германија и активист, во својот последен статус на Фејсбук вели дека пратеникот Антонијо Милошоски своевремено во оваа земја е осуден затоа што не платил билет за возење со автобус, демантирајќи ја информацијата на СДСМ дека е осуден во оваа земја за „кражба“ и „фалсификување“.




„Милошоски нема извршено кражба во Германија, туку е фатен во автобус без карта! Тоа во Германија претставува кривично дело. Тоа што се манипулира поради непознавање на германскиот јазик, од една страна е неразбирање на германски правни поими, од друга страна се користи за типична манипулација. Толку и од оваа заблуда“, вели Милески меѓудругото во она што го напиша на Фејсбук.




СДСМ веќе втора недела по ред бара од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ да понесе одговорност и да поднесе оставка, поради информациите, како што велат од владеачката партија, дека бил осудуван и казнет за кривични дела „кражба“ и „фалсификување“ во Германија.




– Милошоски за скандалот „Кражба“ и за срамниот однос кон граѓаните и државата треба да се извини и да поднесе оставка. Особено што против Милошоски и пред домашните судови се води предмет каде се сомничи дека сторил измама и злоупотреба на службената положба и овластувања. Милошоски нема образ да излезе пред граѓаните, а неговиот шеф Мицкоски молчи, наместо да го повика на морална одговорност. Со ова опозициската ВМРО-ДПМНЕ покажува дека заштитува криминал и корупција, гласи последното соопштение на СДСМ./Фактор
