Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор на Светскиот економски форум во Давос. На изненадување на многумина, тој ја критикуваше Европа, а ги пофали Соединетите Американски Држави и нивниот претседател Доналд Трамп.

Зеленски порача дека Европа мора да направи многу повеќе за сопствената безбедност и повика на формирање обединети европски вооружени сили.

Својот говор го започна споредувајќи ја состојбата во Украина со филмот „Денот на мрмотот“.

— Никој не би сакал да живее така, повторувајќи ја истата ситуација со недели, месеци, па дури и четири години. Токму така живееме ние. И минатата година овде во Давос го завршив говорот со зборовите дека Европа мора да знае како да се брани. Помина една година, а ништо не се смени — рече Зеленски.

Тој додаде дека Европа „дури ни не се обидела да изгради сопствен безбедносен одговор“.

— Погледнете ја западната хемисфера. Претседателот Трамп ја предводеше операцијата во Венецуела и Мадуро беше уапсен. Има различни мислења за тоа, но факт е дека му се суди во Њујорк. На Путин не му се суди, а ова е четврта година од најголемата војна во Европа по Втората светска војна. Човекот што ја започна не само што е слободен, туку сè уште се бори за својот замрзнат капитал во Европа — истакна Зеленски.

Тој ја обвини Европа за одолговлекување на кривичните истраги против Русија и ги повтори критиките што Трамп ѝ ги упатува на ЕУ, тврдејќи дека „Европа сака да зборува за иднината, но избегнува да преземе конкретни чекори денес“.

Иако ги поздрави одлуките на Велика Британија и Франција да испратат трупи во повоена Украина, Зеленски нагласи дека сè повторно зависи од САД.

Продолжувајќи со критиките, тој постави директно прашање:

— Зошто претседателот Трамп може да ги запре танкерите од тајната флота и да заплени нафта, а Европа не може? Руската нафта се транспортира долж европските брегови. Таа нафта ја финансира војната против Украина и ја дестабилизира Европа. Ако Европа има пари, тогаш може да го заштити својот народ.

Зеленски предложи формирање на обединети европски вооружени сили кои „реално ќе можат да ја бранат Европа денес“.

— Ако Путин одлучи да ја заземе Литванија или да ја нападне Полска, кој ќе одговори? — праша тој.

Тој откри и дека бил советуван да не ги споменува американските ракети „томахавк“, како и германските „таурус“, за да не се нарушат односите со одредени партнери.

— Европа изгледа изгубено, обидувајќи се да го убеди американскиот претседател да се промени. Но тој нема да се промени. Трамп ја сака Европа, но нема да ја слуша ваква Европа — нагласи Зеленски.

Тој исто така изјави дека документите за мировниот план се „речиси подготвени“.

— Документите насочени кон завршување на оваа војна се речиси готови. Украина работи искрено и решително и тоа дава резултати. Русија мора да биде подготвена да ја заврши оваа агресија — рече Зеленски.

Тој додаде дека разговарал со Трамп и за „заштита на небото“.

— Да го завршиме овој „Ден на мрмотот“. Да, тоа е можно — заклучи тој.

Зеленски откри и дека утре во Обединетите Арапски Емирати треба да се одржи првиот трилатерален состанок меѓу Украина, Русија и САД од почетокот на војната, по иницијатива на американската страна.